Шумската полиција знае од каде се, но не знае кои се дрвокрадците од Јакупица

Фото: Архива

Непознати лица од селата Елово и од Држилово исекле 15 буки во периодот помеѓу 16 јуни и 4 јули, а потоа со коњи дрвата ги пренеле надвор од атарот на селото Црн Врв

Шумата на Јакупица ја сечеле непознати лица од селата Елово и од Држилово минатиот месец, а потоа со коњи дрвата ги пренеле надвор од атарот на селото Црн Врв. Ова за „Слободен печат“ го соопштија од станицата на Шумската полиција за подрачјето на град Скопје.

Според соопштението, шумските полицајци од локалното население добиле информација која е точната локација на диво исечените 15 буки, како се пренесени украдените дрва, како и претпоставката дека сечата се случила помеѓу 16 јуни и 4 јули годинава на простор каде што била планирана сеча и од ЈП „Национални шуми“.

Случајот со искасапената квалитетна букова шума над скопското село Црн Врв, на планината Јакупица, веднаш под месноста Салакови Езера, на изворот на Маркова Река, го документираше екипа на „Слободен печат“ минатиот викенд. На патот кон шумата се разминавме со нерегистрирани возила, полни со огревно дрво, а сретнавме и екипа на Шумската полиција на пет километри од местото на дивата сеча.

И покрај информациите до кои дошле полицајците, во извештајот на Шумската полиција сторителите се наведени како непознати лица. Таму се наведува и често повторуваната формулација дека од нивна страна „ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежна институција и ќе има позачестени контроли на посоченото место со цел откривање на сторителите“.

Ова е еден од најчестите епилози на регистрираните случаи на диво сечење на шумите во државата. Според Извештајот за состојбата на животната средина за 2020 година, бесправната сеча во периодот од 2010 до 2019 година се зголемила речиси четирикратно. Во 2010 година, проценето е дека биле исечени 11,5 илјади кубни метри квалитетно дрво, додека во 2019 година, дрвокрадењето скокнало четири пати – 45,8 илјади кубни метри дрво.

Според податоците од МВР, од 2014 година кога почнала оперативната акција „Гора“, чија цел е борба против криминалот, поврзан со бесправна сеча,  поднесени се вкупно 1.334 кривични пријави против 2.204 сторители. Одземена е 97.843 кубни метри дрвна маса. Материјалната штета се проценува на повеќе од 335 милиони денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот