Што се случи со Турција на СП 2026? Статистичка доминација без резултат
Турција пристигна на Светското првенство во САД, Мексико и Канада со големи амбиции дека после 24 години повторно ќе блесне на најголемата фудбалска сцена. Генерација полна со таленти како Арда Гулер, Кенан Јилдиз и капитенот Хакан Чалханоглу ја наметна репрезентацијата како еден од најинтересните „фаворити од сенка“ на турнирот, особено по силниот настап на ЕУРО 2024 и убедливата квалификациска кампања за Мундијалот. Но, само по два одиграни натпревари, Турција е елиминирана — без постигнат гол, без освоен бод, со чувство на горчина и неверување.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Статистичка доминација без резултат
Најфрапантниот податок од овој Мундијал за Турција се бројките: 62 шута, над 100 допири во противничкиот шеснаесетник, „xG“ (очекувани голови) скоро 3,5. Но, Турција не постигна ниту еден гол против двете на хартија најслаби селекции во групата, Австралија и Парагвај, и пред последното коло веќе е елиминирана. Никој досега на светските првенства немал толку удари во два натпревари без да постигне гол — негативен историски рекорд што најдобро го илустрира неуспехот на оваа генерација.
Проблем број еден: Реализацијата
Суштинскиот проблем беше болен во својата едноставност: Турците не знаеја да ги претворат шансите во голови. Против Австралија, Арда Гулер шутираше осум пати — ниту еднаш не ја затресе мрежата. Австралискиот голман Патрик Бич направи осум одбрани, најмногу од кој било австралиски голман на мундијалски натпревар, а Турција уште од самиот старт беше казнета: по еден одбранет удар на голманот Бич, Австралија тргна во контра и го постигна водечкиот гол преку Иранкунда.
Во вториот натпревар, против Парагвај, сценариото беше уште посурово. Парагвај поведе по само 64 секунди со најбрзиот гол на турнирот, а Турција повторно доминираше во сите останати статистики — 33 шута, 78% посед на топката, но само еден погодок во рамките на голот од првите 12 обиди. Ни црвениот картон на Мигел Алмирон не помогна: Парагвај остана со играч помалку повеќе од едно полувреме, но Турција не успеа да го искористи тоа.
Тактички и кадровски дилеми
Иако селекторот Винченцо Монтела промовираше напаѓачки, модерен фудбал, неговата тактика донесе и сериозни слабости. Ултра-офанзивниот пристап често ја оставеше одбраната ранлива, а противниците, Австралија и Парагвај вешто се бранеа длабоко и чекааа шанса за брза транзиција. Австралија играше со 5-4-1, со што ги затворија сите простори во центарот и ги принудија Турците да шутираат од далечина или од лоши позиции.
Клучен проблем за Турците беше и отсуството на природен „шпиц“. Керем Актуркоглу, чија „природна позиција“ е крило, беше принудно користен како лажна деветка, додека алтернативата Дениз Ѓул не донесе резултат од клупата. Без класичен голгетер и без целосно спремен Јилдиз за првиот натпревар, Турција мораше да се заканува со удари од дистанца, кои ретко му создаваа вистински проблеми на противничкиот голман.
Индивидуални грешки и моментот на вистината
Иако Турција не беше надиграна ниту од Австралија, ниту од Парагвај, малите индивидуални грешки беа клучни. Недостаток на концентрација и падови во играта во клучни моменти го одредија резултатот. На вакво ниво, една промашена шанса или една лоша реакција во одбраната може да го одреди исходот на цел турнир — и токму тоа се случи на двете средби.
Паралели со минатото
Ова не е првпат Турција да биде прогласена за потенцијален хит на голем турнир, а потоа да се врати дома со празни раце. На ЕУРО 2020, по фантастичните квалификации и победата над Франција, тимот на Шенол Ѓунеш заврши со три порази, само еден постигнат гол и најлоша гол-разлика на првенството. Тогаш проблемот беше премногу пасивна игра, конфузни тактички ротации и тим кој изгледаше „исплашен“ од големината на моментот.
Овој пат, ситуацијата беше спротивна: Турција беше активна, имаше иницијатива, создаваше шанси, но не реализираше. Доколку ЕУРО 2020 беше симбол на страв и нефункционалност, Мундијалот 2026 е симбол на „проклетството на нереализацијата“, а тоа создава уште поголема фрустрација кај навивачите и фудбалската јавност.
Судбината на Монтела и иднината
Со елиминацијата уште по вториот натпревар и уште еден натпревар без важност што останува за играње против САД, прашањата за иднината на Монтела се неизбежни. Италијанецот донесе прогрес, организираше модерен фудбал околу Арда Гулер, Кенан Јилдиз и Чалханоглу, но на најголемата сцена не успеа да го претвори потенцијалот во резултат.
Турција на Мундијалот направи речиси сè што бараат модерните фудбалски анализи: посед, шанси, иницијатива, дисциплина. Но, не успеа да постигне гол. Светското првенство 2026 ќе се памети како турнирот на „што ако“, уште еден пример дека подобриот на теренот секогаш не победува и дека фудбалот понекогаш знае да биде суров.
Останува надежта дека оваа генерација ќе научи од болното искуство, дека ќе порасне и ќе се врати уште посилна, и подготвена конечно да го претвори потенцијалот во резултат.


