Што прави денеска: Зоран Љутков, актер

зоран љутков
Зоран Љутков / Фото: Приватна архива / Драгана Удовиќиќ / Данчо Стефков

Зоран Љутков е македонски театарски, филмски и телевизиски актер кој моментално работи во Драмскиот театар во Скопје.

Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2001 година во класата на проф. Владимир Милчин, а веднаш потоа се посветил на постдипломските студии за сценографија на Универзитетот за уметности во Белград. Од 2006 година работи во Драмскиот театар во Скопје.

Учествувал на бројни меѓународни театарски фестивали, работилници, филмски и тв проекти. Покрај многуте улоги во театарот, јавноста го памети и по успешните улоги во филмовите „Прашина“, „Резервни делови“, „Сенки“, „Тајната книга“, „Последниот Македонец“, како и во телевизиските серии „Преспав“, „Фамилија Марковски“ и други.

зоран љутков
Зоран Љутков / Фото: Приватна архива

Го прашавме овој инспиративен актер како отприлика изгледа еден негов ден, па еве што ни откри.

„Ако денот се познава по утрото,тогаш, за мене, неделата се познава по понеделникот. Ниту еден ден во неделата не ми е ист. Освен со мојата примарна професија – актерството, се занимавам и со политика и работам во студиото за актерска игра „Прва проба“.

Можеби за некој кој е до мене му изгледа хаотично, но за мене тоа е слобода и уживам во различната динамика. Но, се разбира, секогаш сум на време и сум подготвен и сѐ што правам е поврзано со култура и уметност.

зоран љутков
Зоран Љутков / Фото: Приватна архива

Па, затоа понеделникот го сметам за најуреден во однос на распоредот на активностите кои имаат повторувачко дејство и ми ја одредува дисциплината за наредните денови. Гледам да завршам што повеќе обврски во понеделник, со можност петокот да ми е работно краток. Станувам во 6.30 и, секако, кафето е неизбежниот ритуал. Следува будење на децата и испраќање во училиште.

Понеделнички, патувањето до Велес и назад е дел од денот кога сум сам во автомобилот и си ги креирам наредните денови. Исто така, тие моменти ми се посветени за добра музика. До 15 часот имам средби со граѓани, кои се поврзани со културата и туризмот во градот.

зоран љутков
Зоран Љутков / Фото: Драгана Удовиќиќ

Потоа следи семејниот ручек и времето посветено на семејството. Од пред година и пол, со мојата сопруга отворивме студио за актерска игра „Прва проба“ на кое сме посебно горди. Попладневните часови од 17.30 до 22 часот во понеделник и четврток се посветени токму на децата од студиото.

Се разбира, репертоарот во мојот матичен Драмски театар е секогаш на прво место! А, без чаша вино не завршува денот.“

зоран љутков
Зоран во претставата „Крал Иби“ / Фото: Данчо Стефков

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот