Што прави денеска: Марко Угарковиќ, мултимедијален продуцент и фотограф

Фото: Приватна архива

Марко Угарковиќ има 35 години, живее и работи во Скопје како мултимедијален продуцент и фотограф, во својата продукција „Spit Take Studios“. Тој е дипломиран филмски и ТВ режисер при Академијата за Аудиовизуелни Уметности ЕСРА Скопје, а својата едукација ја комплетира во Данска, при техничкото училиште „European Film College“, во 2013-та година.

Од тогаш работи на голем број проекти во различни позиции, секогаш барајќи го следниот креативен предизвик.

Фото: Приватна архива

Марко ни долови како изгледа еден негов ден…

Денот го започнувам многу рано, меѓу 4 и 4:30 наутро. Има нешто магично кај утринската тишина. Поради тоа што живеам во строгиот Центар на Скопје, ова е еден момент од денот кога речиси сите спијат и метежот на автомобилите е целосно отсутен. Првиот час го поминувам читајќи, заедно со утринското кафе. Поради тоа што работам со клиенти од различни краеви на светот, периодот по кафето е посветен на одговарање на мејлови, координирање на задачи за денот и останати брзи работни обврски.

Фото: Приватна архива

Вежбањето ми е неизбежен дел од утринската рутина, па во зимските денови најчесто тоа е некој вид на вежби внатре, додека летниот период го користам кејот покрај Вардар и патеките на Водно, заедно со моите две кучиња.

Фото: Приватна архива

Поради пандемијата нашиот тим се префрли на виртуелна канцеларија, па поголемиот дел од работните денови ми се пред компјутерот, исполнети со состаноци, планирање на некој проект или истражување на пазарот.

Фото: Приватна архива

Работата е доста креативна, поради тоа што се занимаваме со изработка на анимации за видео игри, илустрирани книги за деца, и фотосесии од секаков вид. Викендите се периодите во кои си дозволувам да се изгубам во природа на некоја планина, со апаратот во рака и да си ги наполнам батериите со свеж воздух и сонце.

Фото: Приватна архива

Попладневните часови ми се посветени на различните хобија. Една од најголемите пасии ми е готвењето за најблиските, па секојдневно експериментирам со различни кујни и пристапи кон храната.

Фото: Приватна архива

Во зимските денови тоа најчесто е храна инспирирана од Индија, во разнолики форми на кари, зачинети рецепти кои го топлат телото и ја хранат душата.

Фото: Приватна архива

Некои денови излегувам со апаратот обидувајќи се да доловам моменти на секојдневниот живот во Скопје. Уличната (street) фотографијата ми е една од омилените правци, поради нејзината способност да внесе приказна и емоција во секојдневието, и да покаже колку светот околу нас е шарен и полн со енергија.

Фото: Приватна архива

Вечерите најчесто ги поминувам во средување на фотографиите од денот, свирејќи гитара или пак стуткан под ќебе со некоја добра серија или филм, со најблиските. Викендите се секогаш резервирани за некоја дружба со добра музика и ладно пиво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот