Што прави денеска: Христина Цветкоска, инфлуенсерка

Фото: Приватна архива

Христина Цветкоска, позната како Кике Цветче, е млада девојка што споделува позитивна и инспиративна содржина на социјалните мрежи.

Тоа што многумина го сакаат кај неа е нејзината искреност, особено кога споделува случувања и размислувања од нејзиното секојдневие, сѐ со цел да ги мотивира своите следбеници да ја живеат својата најдобра верзија и да не им робуваат на општествените правила.

Таа е дипломиран професор и преведувач на катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. За себе вели дека е личност што активно се труди да учи, се грижи за себе и за другите.

Христина ни откри како изгледа еден нејзин ден.

„Навиките го формираат твоето однесување пред самата себеси. Тие се гранките што го дефинираат карактерот на секого.

Последниов период успеав да ги филтрирам навиките – да ги задржам добрите и да ги отстранам лошите. За да го направам тоа, имав потреба да се истражам себеси подлабоко, да ги откријам потиснатите емоции од детството, да размислам за тековните случувања и да бидам искрена кон себе за тоа како ми влијаат. Не може да подобриме нешто за кое не сме свесни дека е лошо.

Главната алатка за рефлектирање што ја користам за да копам низ моите мисли е водењето дневник. Веќе три месеци откако ја стекнав таа навика, секоја вечер го истурам на хартија сето она што сум го доживеала тој ден, сè што мислам дека е вредно да се запомни, сите мисли и заклучоци што сум ги донела, како и сè она од кое не сум баш задоволна и би сакала да го сменам. На тој начин го креирам учебникот од кој одбирам да учам да станам подобра личност.


Еден од најголемите успеси ми е вродувањето желба за добри навики и кај Иван, затоа што тој е човекот што воопшто ми објасни како функционира животот и ме насочи за јас да продолжам да се надградувам. Всушност, најдобрата работа на која ме има научено е: ‘Ако сакаш беспрекорно да научиш нешто, треба некому друг да го пренесеш истото знаење’.

Доста голем дел од денот го поминувам во кујна. Интересот кон готвењето ми е наследен од баба ми, која уште од мали нозе ме научи на тајната состојка во секој оброк – љубовта. Сега кога пораснав, ја сфатив логиката на готвењето и научив како да ја изразам мојата креативност преку тоа. Уживам да комбинирам рецепти, да експериментирам со зачини и да давам шанси на нови состојки. Еден од моите ексклузивни оброци по кои многумина ме памтат се моите врапови затоа што се секогаш различни, во зависност од тоа што имам во фрижидер; а најбезгрижна сум што состојките се секогаш здрави и тоа ми е најголем доказ дека здравата храна може да биде вкусна.

Станувањето рано е навика за која би рекла дека сѐ уште ја стекнувам. На одличен пат сум и веќе ги гледам придобивките од тоа. Бавните утра ми обезбедуваат повеќе време за себе и попрецизно планирање на претстојниот ден. Релативно нова работа што ја имам по дома е бела табла закачена на ѕид во дневната соба што најчесто ја користам за запишување дневен распоред, случајни мисли што ми поминале низ глава за кои сметам дека играат голема улога при оформувањето на мојот карактер, а најважно од сè, тука е во секој момент за раздлабочување филозофии на визуелен начин, преку шеми и цртежи.

Сите овие работи ги користам како обука за моите претстојни проекти чија цел е да помогнат во нечиј личен развој. Голем дел од процесот на учење го споделувам на Инстаграм, но целта е експанзија настрана од онлајн светот, затоа што на тој начин енергијата се споделува многу поавтентично.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот