Што му доликува на Апасиев, не му личи на Пендаровски

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Пендаровски, кој секогаш важел за умерен, културен човек и пред сè за интелектуалец, успеа да се спушти на уличарското ниво на Апасиев и да се посрамоти самиот себе пред јавноста. Кога го доби прашањето за пцовката, и самиот рече, сега ќе ми ја упропастите прес-конференцијата. Очекував дека ќе рече дека нема да го дозволи тоа и дека нема да коментира некој што не му е на ниво.

„Психопат“, „гнида“, „нашмркан“, „маже со мало такво меѓу нозете“… Не, ова не се зборови на некој од улица. Овие зборови завчера излегоа од устата на шефот на државата Стево Пендаровски.

Испровоциран од пцовката на пратеникот на Левица Димитар Апасиев упатена кон него на Фејсбук, претседателот не успеа да се воздржи и на прес-конференција за новинарите, на која говореше за францускиот предлог, упати низа навреди за пратеникот.

Ако на Апасиев простотилакот му дозволува сè, па и најниски  навреди, вакво однесување од културен шеф на држава е недозволиво и неприфатливо. Вакво ниво на комуникација не смее да си дозволи ниту еден политичар (освен Апасиев), а најмалку претседател на држава, врховен командант на оружените сили. Апасиев со една пцост успеа да го испровоцира Пендаровски и да ја постигне целта. Пендаровски не смееше да си дозволи таков речник, колку и да бил нервозен и навреден.

Пендаровски кој секогаш важел за умерен, културен човек и пред се за интелектуалец, успеа да се спушти на уличарското ниво на Апасиев и да се посрамоти самиот себеси пред јавноста. Кога го доби прашањето за пцовката, и самиот рече, сега ќе ми ја упропастите прес-конференцијата. Очекував да рече дека нема да го дозволи тоа и дека нема да коментира некој кој не му е на ниво. Очекував дека ќе го задржи достоинството, без разлика на ниските удари што ги добива од политичари уличари кои пцујат и шират говор на омраза на социјалните мрежи како што тоа постојано го прави Апасиев.

Политичарите (освен Апасиев), без разлика која функција ја извршуваат, во никој случај не смеат да си дозволат да го изгубат нивото на комуникација. Во никој случај не смеат да си дозволат да изгубат нерви до тој степен. Се сеќавате на покојниот Киро Глигоров? Се сеќавате на плуканицата што ја доби в лице? Дали го слушнавте некогаш Глигоров да излезе од контрола поради таквиот грозен чин? Дали го слушнавте Глигоров некогаш да употреби навредливи зборови за жената што го стори тоа? Секако не. Но, Глигоров беше господин човек, беше политичар во вистинска смисла на зборот. Не глумеше балкански мачомен како што сакаше да се претстави Пендаровски. Да покаже дека е некаков фраер, па не трпи навреди и враќа во иста мера.

Не, господине Пендаровски. Не испаднавте голем маж во очите на јавноста. Само се пониживте себеси спуштајќи се на нивото на Апасиев.

Се надевам дека ќе ѝ се извините на јавноста за ваквиот пропуст и дека во иднина нема да си дозволите да се однесувате вака. Бидејќи не ви доликува.

Политичарите (освен Апасиев) мора да сфатат дека секогаш и секаде ќе има некој што ќе ги критикува, ќе ги пцуе, ќе ги навредува. Но, политичарите мора да сфатат дека и тоа им е работа. Мора да имаат висок праг на толеранција, колку и да е тешко тоа. Да ги трпат и пофалбите, но и критиките, па дури и ниските удари, како оној од Апасиев, но секогаш мора да останат умерени, да имаат контрола над она што го прават и зборуваат, бидејќи тие се лицето на државата и на народот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот