Што мислат останатите геополитички играчи за посетата на Си во Русија?

Си Џинпинг / Фото EPA-EFE/MARK R. CRISTINO

Посетата на Си Џинпинг на Москва доаѓа во време кога Кина зазема сѐ погласна позиција за војната во Украина. „Би-би-си“ пишува за улогата на другите главни геополитички играчи во конфликтот.

Сојузниците на Русија: Иран испорача дронови во Москва која таа ги користи против Украина. Поранешната советска земја Белорусија не само што помогна со оружје, туку и ја отвори својата територија за единиците на руската армија да преминат на северот на Украина.

Сојузниците на Украина: САД и Велика Британија обезбедија најголема количина на воена помош за воените напори на Киев – снабдување со оружје, обука и финансирање. Полска обезбеди оружје за својот сосед – вклучувајќи ја и последната одлука да испрати четири борбени авиони МиГ-29 – и ги охрабри своите сојузници од НАТО да го сторат истото.

Посредници: Турција беше домаќин на првата средба на министерско ниво меѓу Русија и Украина по почетокот на војната. Исто така, одигра голема улога во посредувањето во договорот за жито. Израел помогна да се одржат отворени комуникациските канали меѓу Киев и Москва. Сепак, мировните преговори се замрзнати без договор од септември.

Владите на Обединетото Кралство и на Украина го повикаа кинескиот Си Џинпинг да го искористи своето патување во Русија за да стави крај на војната.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко, рече дека патувањето на Си се следи „внимателно“ – и изјави за различни новински агенции дека неговата земја очекува кинескиот лидер да го искористи своето „влијание врз Москва за да стави крај на агресивната војна против Украина“.

Портпаролот на Даунинг стрит рече дека Си треба да ја искористи својата посета за да го охрабри рускиот претседател Владимир Путин да ги повлече своите трупи од Украина и „да престане со бомбардирањето на украинските градови, болници, училишта и да запре некои од овие злосторства“.

Претходно, Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, рече дека прашањата покренати во кинескиот мировен план ќе бидат дискутирани за време на преговорите, „на овој или оној начин“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот