Што ќе добиеме од ЕУ во јуни?

Како се приближува времето за објавување на извештаите од Европската Комисија, така почнува се погласно да се зборува дека долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите нема да го добиеме во јуни, иако актуeлната владеjачка гаранитура го испорача Договорот од Преспа и го смени името на државата.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, вели дека доколку не добиеме датум во јуни, ќе добиеме во септември.

– Ако не се случи во јуни, ќе се случи во септември, но многу важен процес е и треба да работиме во правец на забрзување за спроведување на стандардите кои не доближуваат до ЕУ, особено владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата – изјави Ахмети.

Министерот за евроинтеграции и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, не дава одговор на прашањето дали со оваa изјава неговиот партиски лидер всушност подготвува терен за пролонgирање на добивањето на датум за преговори.

На прашањето дали во Владата има информации за тоа дека во јуни нема да се добие датум за почеток на преговорите, владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговара:

– Владата целосно е посветена на имплементација на реформите и очекува динамиката што е зацртана да биде целосно исполнета.

Александар Јовановски, експерт за ЕУ, вели дека во овие услови не треба да се шпекулира со одложување на датумот за преговори.

– Денеска стигна вест дека на иницијатива на Франција и Германија на крајот на месецов ќе се одржи самит со земјите од Западен Балкан што може да се смета за позитивен сигнал. На овој настан може да очекуваме посигурни сигнали околу тоа со каква динамика ќе се одвиваат работите. Јас сметам дека самитот во јуни на Европскиот совет треба да се искористи за добивање на политичка одлука Европската комисија да почне да се подготвува за почеток на преговорите и веќе во декември да се одржи првата меѓувладина конференција со што и официјално ќе почнат преговорите – објаснува Јовановски.

Но тогаш, нагласува тој, треба да испорачаме беспрекорно организирани претседателски избори и решение за СЈО кое ќе биде прифатено од сите политички партии и изгласано во Собранието со двотретинско мнозинство.

Професорот Лазар Лазаров објаснува дека Франција, Холандија и Данска остануваат резервирани околу датумот за преговори.

– Беше ветен датум за преговори на 5 јуни, но тоа не значи и автоматски отворање на процесот на преговори, заради реформските процеси и резервираниот однос на некои од членките може да се случи евентуално пролонгирање до септемрви – вели Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот