Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Најубавото костен-пире во градот ќе го најдете во „Крин“

Концерти, претстави, промоции, настани, гастронија и спортски случувања, еве идеи што да правите во Скопје овој викенд од 10. до 12 јануари.

Доброутро драги скопјани, и вам кои не вртевте пита со паричка за Бадник. Кај кого се падна паричката? Ја месевте ли питата или ја купивте, готова? Готови, за мерак, пити и лепчиња имаше по приватните пекари низ градот. Кусурот ти го враќаат внатре во питата, па на кој ќе му се падне кусурот, има шанса да му се падне државата да му го врати данокот од насобраните фискални сметки.

Да ја почнеме годината со помали поставени цели, ама да ги реализираме. Со повеќе добрина, емпатија и љубезност кон сограѓаните. И со многу повеќе култура на живеење, од лани.

„Трибека“

Нови ѕвезди меѓу кафулињата имаме во Скопјенце. Ботаник шоп& кафе Трибека на Илинденска 104, шик место со многу зеленило, пријатна музика и одлична гастрономија. Мезињата се посебна приказна, од сервирање до вкусни совршени комбинации, а подобар бифтек нема во градот.

И – Woodstock Bar, на Рузвелотва 5, пивски бар кој соработува со седум пивници лоцирани низ Бохемија и Моравија. Без компромис во квалитетот, може да уживате во пивце какво ви душа сака. А, и идејата им е супер – развивање на пивската и рокенрол културата преку промовирање на мотивите од 60-те, како што се движењето на љубовта, слободата, креативноста, меѓусебното почитување и толеранцијата. Браво за екипата на Woodstock Bar!

Ако сте пак, за нешто слатко, го пробавме костен пирето во слаткарниците „Крин“ (на Васил Главинов 3, и новата слаткарница – спроти Македонска Пошта и Влада). Неповторлив вкус.

Јануари, по обичај, е терминот за детски филмови во „Кино утро“ во Кинотека. Веднаш по новогодишните и божикните празници најмладата публика има убава можност да проследи десет наслови од поновата продукција на детски филмови. Земете си ги дечињата и право во „Кинотека“, а за програмата информирајте се – ТУКА. 

Колегата Фидан Коминовски потсетува на јануарската ракометна треска, Македонија игра во Европско: Во празнична атмосфера, за сите љубители на ракометот, сигурно веќе исполнети со возбуда, подготвени за радување, ама и за лутење. Со дресови, капи или шалови, навивајте заедно со вашите пријатели, секако, со освежителни пијалоци, мезе, грицки, пуканки, за комплетно уживање, дружење и забава. Вечерва во Виена од 20.30 часот, нашата најдобра машка ракометна селекција ќе го игра првиот натрпевар од „Б“ групата против Украина. В недела пак, 12.ти јануари, е второто коло против Чешка, во 16. часот.

Ако случајно се чувствувате осамено, а сакате да се дружите и да гледате ракомет, тоа може да го направите во кафулето „Галери“ на Рузвелтова 63., ќе има групно навивање.

Викендов не е премногу богат со културни настани, но ве молиме, потрудете се вие да ја почнете годината културно. Не бидете цепаници, бидете културни!

Ајде да ги разгледаме заедно настаните во градот.

ПЕТОК

16.30

После работа на пијалак и мезе во моментно едно од најпопуларните скопски кафулиња и ресторани „Трибека“ . Ако до сега не сте биле, треба да го посетите. Денес ќе ве забавуваат Pop Art Band.

17 часот

Забава после работа, со „Саут Парк“ ќе има и во бистро-барот „Барбакан“. Ќе се слуша рок, поп и фанк, а и храната и мезето се фантастични – уште една причина да бидете со друштво таму.

20 часот

Ако сè уште не сте го гледале филмот „Врба“ во Кинотека на Северна Македонија може конечно тоа да го направите, за 100 денари. А ќе имате можност и да поразговарате со Милчо Манчевски.

20 часот

Пред објавувањето на номинациите за Оскар на 13 јануари во Лос Анџелес, документарецот „Медена земја“ од денеска, па до 15 јануари, повторно ќе се прикажува во скопското кино „Милениум“. Проекцијата е од 20 часот, а билетот чини 150 денари.

21.30

Во „Нано бар“ ќе се слави животот со музиката на Дејвид Боуви и со Срѓан Јаничијевиќ. Резервации на 078 – 246 418.

21.30

И во клубот „YES“ , на Принска 45, ќе има вечер посветена на легендарниот Дејвид Боуви, кој инаку, почина на денешен ден во 2016. Ќе се слушаат класици од ерата на Ziggy Stardast како Starman, Jean Genie, Space Oddity, Rebel Rebel, а нема да се заборави ниту Thin White Duke периодот познат по неговите безвременски хитови како Heroes, China Girl, Ashes to Ashes, Station to Station и многу други.
Пијалоците ќе се служат со 20 отсто попуст. Резервации на 070-246 176 и 070-340 720

22 часот

Ако сакате да танцувате, латино забава има во „Амбрела“ (поранешно „Чао“ кафе) на кеј.

-Ова не е забава каде што ќе седиш и сите околу тебе се дрва и никој не мрда. Овде доаѓаат и луѓе што немаат поим од играње, и луѓе што рекреативно играат латино неколку години или месеци. Со една реченица: Ќе биде разиграно, велат од „Амбрела“.

САБОТА

7 часот

Љубителите на зимските спортови и воопшто на снегот и чиститот воздух, имаат можност за еднодневна авантура во Маврово, за само 299 денари, односно 350 денари. Поаѓањето е во 7 часот пред „Дрво Декор“ (спроти хотелот „Холидеј Ин“, а враќањето е во 16 часот. За информации и резервации јавете се кај Филип 070-349-267.

9 часот

Почестете се со добра книга. Во книжарниците „Три“ ( во Градски трговски центар, ТЦ Зебра и Дебар Маало) во тек е зимскиот фестивал на книгата, со специјална понуда и фестивалски попуст на сите изданија на „Три“ и „Паблишер“.

11.40

Супер забава за целото семејство. Во „Синплекс“ ќе се прикажува филмот „Тајниот живот на милениците 2″ кои веќе нè развеселуваа пред две години. Филмот ја продолжува приказната за Макс и неговите пријатели, пратејќи го нивниот таен живот кој го водат откако нивните сопственици ќе заминат на работа или во училиште.

22.часот

Во Woodstock Bar, кој веќе срдечно ви го препорачавме ако сте за пиво, ќе ве забавуваат „Саут парк“.

23.50

Малку пред полноќ почнува забавата во клубот „Епицентар“ со Тер, Мирко Попов и Виолета Качакова. Terr е музички проект на Даниела Калделас, берлинска ди-џејка, продуцент и сопственик на издавачка куќа, која пораснала во бразилскиот град, Бело Хоризонте. По неколку години свирење на гитара во неколку панк бендови, Terr почнува да ги учи основите на „компјутерската музика“ на само 19 години. Во 2018 Калделас го издава албумот „Dust“  на кој се најдоа феноменални ремикси од Curses, Cardopusher и Daniel Watts. Истата година издава уште два EP снимки. Овие 3 снимки и донесоа на Калдалас голема препознатливост и огромна поддршка низ електронскиот музички спектрум, каде многу артисти уживаат пуштајќи ја нејзината музика и константно ја номинират за артист чие име, Terr, треба да биде запаметено.

НЕДЕЛА

13.50

Еве уште еден начин семејно да се забавувате. Ако во декември не го гледавте филмот „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“, не го пропуштајте сега. Одличен е за развивање на фантазијата.

14 часот

„Јавна соба“ во соработка со режисерката Теа Беговска објави ОТВОРЕН ПОВИК ЗА КАСТИНГ за невработени актери. Пријавувањето важи до денес. Кастингот е наменет за невработени дипломирани актери од кои се бара да имаат вокално-музички способности. Деталите за перфомансот, времетраење, хонорар и слично за целиот ангажман на одбраните кандидати ги добивaте по изборот на актерите. Деталите за припрема за кастингот ги добивате на меил, откако ќе се пријавите. Секој пријавен актер добива до 15 минутна можност за презентација пред жири во однапред договорен термин. Пријавувањето треба да биде со име, презиме и возраст на: [email protected]

20 часот

Совршен начин за позитивно да се заврши викендот – во Националната опера и балет ќе има
традиционален концерт по повод празникот „Василица“, насловен „LEGENDS“. Годинава изборот е песни од најдобрите музички поп-рок легенди, во целосно нови симфониски аранжмани.
Настапуваат солисти, оркестарот и хорот на Националната опера и балет, а диригент е Бисера Чадловска. Обезбедете си го на време вашиот билет, билетарница:02 3118-451.

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот