Штетната козметика во ЕУ за Македонија е „таман“, затоа што Државниот здравствен и санитарен инспекторат работи со античка листа на забранети супстанци од 2010 година!
Скандалозни наводи за безбедноста на козметичките производи во Македонија открива извештајот на Државниот завод за ревизија кој влегол да го контролира Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Од извештајот е евидентно дека козметичките производи кои влегуваат во Македонија се контролирани од страна на Здравствениот инспекторат и тоа според листа на забранети супстанци од 2010 година!
Препорачано
Оттогаш листата Инспекторатот не ја ажурирал ниту еднаш што не ја следи праксата на Европската Унија каде оваа листа повеќекратно е ажурирана во истиот период. Така всушност во Македонија се контролираат 1600 забранети супстанци, а во ЕУ нивниот број е веќе рипнат на 1.751 забранета супстанца. Проблемот е во тоа што во Законот за безбедност на козметичките производи не е предвидена обврска оваа листа да се ажурира, па никој не ја ни ажурира во Македонија. Ревизорот има големи забелешки затоа што во земјава нема ни соодветни лаборатории да ги испитуваат сите 1.600 забранети супстанци што ги има во листата од 2010 година! Така Институтот за јавно здравје врши само ограничен број анализи за микробиолошка исправност на производите, определување само на неколку тешки метали (кадмиум, олово, никел и хром) и PH вредноста на површинските активни материи.
Поради тоа што Државниот здравствен и санитарен инспекторат е 16 години назад во времето, постои ризик да се стават во промет производи кои содржат супстанци кои на територијата на ЕУ е утврдено дека се штетни по здравјето, а тие да не се забранети во Македонија.
Но, тоа не е се што ревизорите констатирале. Проблеми има и со контролата на детските играчки кои неиспитани за две штетни супстанци можеби циркулираат во детските раце.
„Во рамките на државните лаборатории не се обезбедени услови и техничка опременост за испитување на сите забранети супстанци во козметичките производи, а ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци – фталати и бор во детските играчки кои се увезуваат и пуштаат во промет на територијата на државата“, наведува Ревизорот.
Инспектори полиглоти или непроверени производи?!
Помеѓу останатите активности Инспекторатот врши надзор во постапки поведени по барање на странки. По овој основ во 2024 година ДСЗИ остварил приход од 44 милиони 215 илјади денари или над 700 илјади евра. Поголемиот дел од овие приходи се остварени во постапка за издавање одобрение за увоз на предмети за општа употреба, козметички производи, детски играчки, средства за одржување чистота и супстанци за производство и амбалажа. За поведување на оваа постапка, од страна на увозниците преку ЕКСИМ системот на Царинската управа поднесени се 10.701 електронска апликација кон кои се прикачени и потребните документи над кои инспекторите прават надзор. Овие документи според Државниот завод за ревизија се непреведени!
„При поднесување на барање за увоз помеѓу другите документи се поднесува и фактура за набавка на производите како и сертификати од производителите кои ја потврдуваат здравствената безбедност на производите. Овие документи во сите предмети се на јазикот на државата од каде истите се набавени, односно при вршење на надзорот се анализираат документи на поголем број странски јазици. Поради наведеното има ризик инспекторите да не ја разберат целосно содржината на овие документи и да се даде одобрение за увоз на стоки чија веродостојност не е потврдена и за кои не се приложени сертификати за здравствена безбедност. Поради тоа не е обезбедена соодветна примена на начелата на заштита на јавниот интерес“, наведува ревизорот.
Ревизорот во делот на вршење на инспекциски надзор во областите на санитарно-хигиенска и епидемиолошка заштита како и здравствена заштита утврдил состојби кои влијаат на квалитетот на инспекциската постапка, односно во дел од предметите недостасувала поткрепувачка документација, пописот не бил спроведен во целост и неточно била пресметана исплатата на додатокот за работа со висок ризик.
Ревизорите во извештајот напишале дека во дел од персоналните досиеја на вработените во Инспекторатот немало диплома ни уверение за завршено образование, ниту важечка лиценца за работа за положен испит за инспектор. Во 2024 година за кога се однесува ревизијата, инспекторите извршиле 5.407 надзори од кои проверени од ревизорот биле 197. При проверката во овие 197 предмети имало што да се види – во 63 проценти од случаите во кои инспекторите ја прекинале постапката, немале докази. Во ДСЗИ според ревизорот работат само 66 лица што значи дека половина од систематизацијата е непополнета. Од нив 43 се инспектори и тоа најголемиот дел над 50 и над 60 години.
И покрај тоа што има ризик инспекторите што смеат да вршат надзори во субјекти со висок коефициент да ги снема или поради заминување од работа или поради пензионирање, сепак во 2024 година Министерството за финансии не дало одобрение да се вработат нови. Возилата на инспекторатот биле во најголем дел неисправни, ненавремено сервисирани па инспекторите не можеле ни да работат.
Од ДСЗИ за „Слободен печат“ велат дека веќе постапуваат за забелешките на Државниот ревизор.
Имено во делот на забелешките кои се однесуваат на инспекциските надзори, кои се од техничка природа, дадени се насоки до сите подрачни одделенија овие забелешки во иднина да бидат корегирани. По однос на забелешките кои зџе однесуваат на одделението за човечки ресурси, во тек е комплетирање на документацијата. Во делот на материјално сметковотствено работење, забелешките се од административно техничка природа и имајки во предвид дека ДСЗИ од 01.01.2025год. е орган во состав на Миниството за здравство, веќе се превземени мерки за отстранување на конститарините администрстивни забелешки. Во однос на постапката за увоз на детски играчки, козметички производи и предемети за општа употреба и забелешката за сертификатите за безбедност кои се приложуваат при увоз, веќе се отпочнати иницијални преговори со релевантните чинители за изнаоѓање на заедничко прифатливо рашание со цел да се надмине овој проблем, велат оттаму за „Слободен печат“.


