Знаат ли Македонките со што се шминкаат? Никој не испитува дали во пудрите, руменилата и сенките за очи има азбест

Шминка / Ансплеш / Jessica Johnston

Од Институтот за јавно здравје ни одговорија дека согласно законската регулатива која е на сила во земјава, како и во Европската Унија, не се испитува азбест во горенаведените препарати.

Жените во Македонија не знаат и не можат да знаат дали секојпат кога на своето лице нанесуваат камена пудра, руменило, сенки за очи или други козметички препарати кои содржат талк, всушност вдишуваат и азбест со него кој е главен причинител за појавата на сериозен канцер на обвивката на белите дробови, наречен мезотелиом. Додека во САД на големо се испитуваат шминките што содржат талк, а козметички гиганти се соочуваат со илјадници тужби од девојки и жени кои ги користеле нивните производи со години, по што развиле опасен, смртоносен канцер на белите дробови, во земјава, за темата азбест во камените шминки владее институционално и регулаторно „блажено незнаење”.

Во Македонија, во Институтот за јавно здравје, постои одделение за козметологија. Таму прашавме дали испитуваат присуство на азбест во камените пудри, бронзерите, сенките за очи и другите камени шминки и козметички препарати кои содржат талк, а се пласираат на македонскиот пазар. Оттаму ни одговорија дека согласно законската регулатива која е на сила во земјава, како и во Европската Унија, не се испитува азбест во горенаведените препарати.

Но, наспроти ова тврдење, азбестот во козметиката во Европската Унија е забранета супстанца. Не постои дозволена и безбедна количина освен онаа која гласи „нула присуство“. Тоа е наведено и во консолидираниот текст на регулативата број 1223/2009 на Европскиот Парламент и на Советот за козметички производи, која последен пат е апдејтирана во 2022 година, а која македонските законодавци ја игнорираат, со што на регулаторните тела односно на Институтот за јавно здравје му се врзани рацете да испитува дали во талкот има азбест. Дури и кога би сакал некој корисник на шминки да отиде во лабораторија и да даде мостри на тестирање од своите омилени секојдневни козметички препарати кои содржат талк – нема каде тоа да го направи во Македонија. Така ова поле на регулација останува црна дупка и потенцијален тивок убиец на жените во мејк-ап ерата кога кристални, нашминкани и перфектни лица ѕиркаат од сите страни, на билборди, социјални мрежи, каталози и пултови во продавниците.

Во Македонија нема закон што налага да се испитува азбест во козметичките производи, а во Европската Унија вкупно 1.372 супстанци се забранети за употреба во козметиката меѓу кои и азбестот. Токму на таков начин, од лоша контрола и немање закони, азбестот завршува во козметиката и на лицата на жените што се шминкаат. Како што за „Слободен печат“ тврдат од ИЈЗ, во моментот во важечките законски прописи во земјава, не е прецизиран степенот на чистота на талкот кој се употребува во производството на козметичките формулации.

Зошто азбестот е опасен ако се најде во шминките?

Голем дел од шминките содржат талк. Тој е направен од минерал кој природно се наоѓа во близина на азбестот. Кога талкот се ископува за да подоцна се користи во шминките, постои опасност да се контаминира со азбест. Како резултат на тоа, и производите во кои има талк, може да содржат азбест.

Изложеноста на азбест пак, ги изложува корисниците на ризик од канцер наречен мезотелиом, кој е исклучително инванзивен и речиси секогаш смртоносен. Другите ризици од изложеност на азбест се гинеколошки тумори, со оглед на тоа што дел од жените аплицираат бебешки пудри во близина на интимните делови за да превенираат потење. Талкот го има во многу популарни производи, независно од тоа дали се евтини или скапи, така што високата цена, етаблираноста на производот и неговата луксузност, не секогаш се гаранција за сигурност. Од азбест не куртулија ниту децата, а тоа го покажа и фактот што во САД тој беше откриен во палета за детски шминки. Природата на контанимираната шминка ги прави овие производи особено опасни затоа што шминките се аплицираат на лицето, околу устата и носот што го прави инхалирањето на азбестните влакна (доколку се присутни) да биде неизбежно или исклучително можно.

Повеќе студии покажуваат дека талкот е безбедна состојка, ако во него нема азбест. Тестирањето и прочистувањето на талкот може да го отстранат азбестот од него. Но, со непостоечка регулатива, ова поле останува црна дупка.

Во 2020 година, во Македонија регистрирани се 11 слуаи на мезотелиом, според податоците што „Слободен печат“ ги доби од директорот на Клиниката за пулмологија, доктор Дејан Докиќ.

Како изгледа процесот на контрола на шминките што содржат талк?

Кога ќе пристигне пратка од странство со камени шминки, како точно чекор по чекор се испитува нејзината здравствена безбедност односно кои точно параметри се испитува да ги нема, или да ги има во определени гранични вредности?

Од одделението за козметологија во Институтот за јавно здравје велат дека се испитуваат органолептички параметри, се прави проценка на податоците наведени на пакувањето дали се соодветни на декларацијата, се вршат физичко-хемиски испитувања, ПХ вредност, содржина на тешки метали, олово, никел, кадмиум и хром и се осигурува микробиолошката чистота.

Милионски отштети во САД

Врвот на ледениот брег на козметички производи кои содржеле азбест, а биле користени од страна на Американци по што тие добиле рак, е бебешката пудра на „Џонсон и Џонсон“. Американските судови им доделија милионски отштети на клиентите со мезотелиом кои тврдат дека го добиле смртоносниот канцер зашто со години и години аплицирале бебешка пудра како дел од својата козметичка рутина, но компанијата најде начин да се спаси од тоа и да ги плати овие отштети на начин што обврските за исплаќањето ги префрли на друга компанија, која потоа прогласи банкрот. Сепак, бебешката пудра на Џонсон и Џонсон беше повлечена од американскиот пазар, иако производителот никогаш не призна дека во неа имало азбест заедно со талкот кој завршувал на бебешката кожа и на телата на илјадници жени.

Во овие судски случаи, уште поскандалозно беше сознанието дека Џонсон и Џонсон, компанија изградена врз цел резервоар на доверба од мајки и со репутација на ангелска семејна грижа, во 1971 година спроведувала студии за тоа како азбестот влијае на човековиот организам, и тоа на затвореници Афроамериканци, во затворот Холмсбург во Питсбург Пенсилванија.

За овие експерименти, ангажиран бил дерматологот, доктор Алберт Клигман кој регрутирал затвореници од горенаведениот затвор, кои примиле инјекција со потенцијално канцерогениот азбест во долниот дел од грбот, заедно со инјекција талк. Клигман требало да открие какви се ефектите на талкот, а какви се оние на азбестот. Тој починал во 2010 година и никогаш не признал било каква неетичност околу овие експерименти кои ја скандализираа американската јавност откако беа јавно обелоденети во судските случаи. Но, компанијата „Џонсон и Џонсон“ призна дека таков експеримент спроведувала врз затвореници во Пенсилванија, се извни за тоа, но со оправдание дека во тоа време, такви експерименти каде човековото достоинство било игнорирано, биле медицински и општествено прифатливи и стандардни.

Далеку од тоа дека „Џонсон и Џонсон“ е единствената компанија која се соочува со прозивки за азбестот во своите производи. Божиќниот шопинг во ланецот „Клерс“ во САД пред неколку години, откри скандал. Имено, во дел од нивната козметика наменета за деца, односно во сенки за очи за деца, спакувани во шарени етикети, во правот кој требаше да заврши на очните капаци на мали девојчиња, откриен беше азбест. Американската агенција за храна и лекови ФДА веднаш го вклучи црвениот аларм. Издадоа соопштение во кое ги информираат американските граѓани дека во овие детски шминки има азбест и апелираше да не се купуваат. Но, на виделина излезе и еден сериозен недостаток во целиот процес – ФДА не поседува моќ да им наложи на ланците козметички продавници во САД да ги повлечат ваквите производи, туку тоа ќе се случи, само ако самите продавници доброволно ги повлечат од своите рафтови.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот