Шмит: Подготвен сум законот на Инцко за негирање на геноцидот да биде заменет со друг усвоен од Парламентот

Кристијан Шмит / Фото: EPA-EFE/HAYOUNG JEON

Високиот претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит испрати писмо до Парламентарното собрание на БиХ во кое наведува дека е подготвен да го замени законот за забрана на негирање на геноцидот, донесен од неговиот претходник Валентин Инцко, со нов закон, кој би бил усвоен во Парламентот на БиХ.

„Ве повикувам да усвоите закон во Парламентарното собрание на БиХ што ќе забрани одредени форми на говор на омраза, вклучително и негирање на каков било геноцид и глорификација на осудените воени злосторници”, наведе Шмит во писмото до Претставничкиот дом и Домот на народите на БиХ.

Наведувајќи дека сите народи во одреден момент биле изложени на прогон и насилство, особено во текот на минатиот век, тој посочи дека непризнавањето на масовните злосторства и кршењето на човековите права може да има катастрофални последици за општеството.

Шмит, исто така, оцени дека „негирањето на добро документирани и утврдени факти за воени настани, вклучително и геноцид, ги спречува општествата да се занимаваат со колективното минато и претставува продолжување на злоупотребата на жртвите”.

„Измените на Кривичниот законик на БиХ, усвоени во јули 2021 година (законот на Инцко) се засноваат на принципот на зачувување на основните вредности”, нагласи високиот претставник во БиХ.

Според него, „законските акти можат да го остварат својот потенцијал во смисла на промовирање мир и помирување само доколку, паралелно со нив, постои основен консензус во општеството, како и заедничка подготвеност да се покаже разбирање и сочувство, особено кај младите луѓе”.

Според Шмит, тоа се причините поради кои треба да заземе став за ова прашање, кое го следи од јули годинава, односно откако поранешниот висок претставник Валентин Инцко го наметна законот.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот