Шекеринска: Притисокот врз судството е преголем, минатите врски не исчезнаа преку ноќ

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска во своето гостување во емисијата „24 Анализа” на „Телевизија 24” вели дека земјава мора постојано да има листа на задачи кои треба да ги завршува, доколку сакаме членството во ЕУ да биде возможно. Таа нагласи дека не смееме да се надеваме на членство во ЕУ само на остварување на контакти со високи претставници на ЕУ.

– Јасно беше дека овој пат Франција нема да блокира, но за нас е доста важно да ја имаме суштинската поддршка од страна на Франција. Да си ја одработиме дополнително, да не зависиме од тоа дали францускиот претседател ќе има резерви околу проширувањето на ЕУ, околу нас или Албанија. Последниов период ги засиливме нашите контакти, за да ја заинтересираме Франција, која не е присутна во регионов. Францускиот претседател може да ве викне на вечера и тоа да биде вест сама по себе, но ние имавме изјава од негова страна, каде што превзема обврски и со многу силна и недвосмислена позиција. Тоа е еден чекор напред. Нашето членство во ЕУ нема да биде лесно, но членството во НАТО ќе го направи да тоа биде достижно, вели Шекеринска.

Шекеринска додаде дека фокусот на оваа Влада беше во расчистувањето на случаите од СЈО, но напомена дека врските од минатото кои ги имаат осомнечите во судството не се исчезнати.

– Првите три години од нашиот мандат главниот фокус беше што се случува со предметите од СЈО, затоа што имавме чувство дека некои предмети многу долго траат. Но, ако видиме и во други држави, тој тип на висока корупција е секогаш потешко да се доврши. Притисокот врз судството е преголем, минатите врски не исчезнаа преку ноќ, додаде таа.

.Во врска со извештајот на ГРЕКО каде што главните критики беа насочени за двојната функција вицепремиерот за борба против висока корупција Љупчо Николовски и Министер за земјоделство, Шеќеринска рече дека самата таа се борела за Владата да има човек кој ќе се бори против корупцијата

– Самата јас се борев за Владата да има човек кој ќе се бори против висока корупција. Тој човек не би казнувал, нема би давал пресуди, но ќе прави притисок врз институциите да бидат поуспешни во спречувањето на корупција. Оваа Влада би била успешна само доколку успешно се бори против корупцијата. Функцијата вицепремиер за борба против корупцијата не ја дефиниравме како судија, обвинител, полицаец во еден човек. Тој обезбедува да системот од внатре ја прави корупцијата потешка и видлива, истакна Шекеринска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот