Шахпаска: Враќањето на работа на родителите, нема да ги преполни градинките

По реакциите во јавноста околу враќањето на работа, на родителите на деца до 6 годишна воздраст, и нивниот прием во градинка, денеска министерката Јагода Шахпаска, на прес конференција се изјасни дека ваквата одлука е логична, бидејќи градинките веќе се отворени, и родителите треба да се вратат на работа.

На прашање на Слободен печат, дали ваквата одлука ќе ги преполни градинките, со што децата ќе бидат во ризик од Ковид 19, Шахпаска рече дека капацитетот на градинките се уште не е исполнет, и не очекуваат проблем поврзан со надминување на бројот на деца предвиден според протоколот.

-Во градинките согласно протоколот има простор за сместување на 19.000 деца, а интерес за сместување пројавиле 14.555 родители, што значи уште во старт имаше слободни 4 500 места за сместување на деца во градинки. При тоа приоритет за сместување на деца во градинки имаат самохрани родителии и двајца родители кои што се вработени. Оттука потребата на овие родители да не одат на работа после отворањето на градинките е беспредметна, и затоа Владата јасно ја дефинираше одлуката дека родителите на овие деца треба да се вратат на работа. Информациите кои што на дневно ниво ги добиваме од градинките говорат за фактот дека има родители кои и покрај тоа што ги запишале децата во градинка, не ги носат во градинка, туку остануваат да ги чуваат дома. Нашите анализи говорат дека капацитетот не е исполнет и дека има простор за сместување на уште деца, рече Шахпаска.

Таа исто така додаде дека продолженото породилно боледување ја губи смислата со отворањето на градинките.

-Породилното отсуство беше продолжено затоа што градинките не функционираа. На вчерашната Владина седница беше донесена одлука родилките кои подолго од законски предвидениот рок за користење на породилно боледување, останале дома, да се вратат на своите места, објасни министерката.

Инаку, денеска во градинката 13 Ноември се појави и прв случај на дете зарзено од Ковид 19.

-Откако се појави ковид-позитивно дете во градинка во Центар, целата група од јасли кои биле заедно со детето во градинка, како и воспитувачката и негувателката се ставени во самоизолација, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа појасни дека детето било во градинка само еден час, првиот ден кога се отворија градинките, со цел адаптација, а следните денови родителите не го носеле.

Кога ги прашале зошто детето не посетува градинка, рекле дека вади запчиња. Вчера во 16 часот, градинката била известена дека детето е ковид-позитивно, по што институциите ги презеле сите мерки за заштита од зараза, при што било наложено децата и воспитувачите да бидат во самоизолација.

Детето е на возраст од година и половина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот