„Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски е македонски претставник за наградата „Балканика“

Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски во издание на „Антолог“ е македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“. Жири-комисијата за избор на национален претставник за „Балканика“ во состав проф. д-р Александар Прокопиев (претседател), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (член) и м-р Александра Јуруковска (член) во најтесен избор ги избра следните две дела: „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски во издание на „Антолог“ и „Лазарка“ од Љупчо Петрески во издание на „Арс ламина“.

На својот последен работен состанок, стручната комисија едногласно ја избра книгата „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски. Ова е втора година по ред како роман во издание на „Антолог“ што е избран за национален претставник за оваа престижна книжевна награда, по романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски.

– Романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски се издвои како исклучително интересно и популарно четиво, кое функционира на две рамништа. Тој е насочен и кон учените сладокусци, поточно кон оние што преферираат т.н. елитна книжевност, но и кон обичните искрени вљубеници во книгата. Романот, и покрај комплексноста, има убава динамика со која се доближува до динамиката на трилерот или уште поконкретно до една суптилна комбинација од трилер и книжевна метафикција, при што целата приказна постојано ги подгрева вниманието и љубопитството на читателот.

Во еден расказ на Аполинер, необичниот барон Ињес д’Ормезан измислува една нова уметност што тој ја именува како амфионија. Предмет на таа уметност е токму градот. Во тој контекст амфионијата на Жарко Кујунџиски ја раѓа приказната исткаена од повеќе приказни во „Сфинга на гневот“. Таа уметност, како производ на урбаната имагинација, се врежува низ страниците на овој роман како израз на т.н. урбофилија или како топло чувствување на градот (и тоа не само на Скопје, туку и на Сплит), виден преку перото на уметникот на зборот.

Ако урбофилијата ги соединува книжевните градови во еден урбопоетички свет, тогаш овој роман им дозволува на Скопје и на Сплит да се прегрнат и така прегрнати да го засилат тој урбопоетички свет. И на тој начин темата од локална (Скопје), станува национална, а потоа и наднационална (балканска и европска). Секако, урбофилијата т.е. љубовта кон градот, градот како текст и ракопис, кај Кујунџиски ја има во повеќе негови дела (како „Спектатор“ или „Скопје и сè е можно“) и во тој контекст овој роман е еден вид допишување на неговото, но и на македонското книжевно Скопје – меѓу другото, стои во образложението на комисијата.

Жарко Кујунџиски

Фондацијата „Балканика“ е основана во 1996 година од страна на релевантни издавачки куќи од седум држави од Балканот: Македонија, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, Турција и Романија. Седиштето на „Балканика“ се наоѓа во Софија, Бугарија, а претседател е писателот и издавач Николај Стојанов. Во „Балканика“ членуваат по една реномирана издавачка куќа од секоја од седумте држави членки на Фондацијата.

Одржувањето на книжевната манифестација ротира кај секоја од државите членки. Значајно е да се истакне дека секој добитник на наградата се стекнува со голем публицитет и надвор од балканските држави и не ретко е значајна за пробивањето на авторот во меѓународни рамки, а со самото тоа и за афирмација на книжевноста на државата од која доаѓа. Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.

Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи на почетокот на 2022 година. Наградата ќе биде доделена од страна на меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.

Видео на денот