Сестрата што крадеше цитостатици од болните од рак, викната на распит во Обвинителството

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Јавното Обвинителство упати покана за распит до 29-годишната медицинска сестра за која има кривични пријави дека во два наврати, во 2020 година и во 2023 година крадела цитостатици од Клиниката за радиотерапија и онкологија, потврдуваат за „Слободен печат“ од Oбвинителството.

Од поднесувањето на кривичната пријава поминаа шест месеци.

„Во двата предмети против споменатата медицинска сестра постапката е во тек. Меѓу другите преземени дејствија упатена е покана до пријавената да се јави на распит во Јавното обвинителство. Надлежните јавни обвинители немаат информации дека пријавената е недостапна на органите на прогонот“, ни рекоа од Обвинителството.

Според информации на „Слободен печат“ пак, сестрата не оди на работа затоа што е суспендирана, а имаме и непотврдени информации дека заминала да работи во Германија.

Истрагата на Обвинителството треба да објасни што се случува на Клиниката за онкологија со терапиите за канцер. Првпат за кражба сестрата е пријавена во 2020 година. Била суспендирана, ама за шест месеци пак ја вратиле на работа, на истата позиција, па пак добила можност да ги краде цитостатиците.

Неофицијалните информации се вознемирувачки и заслужуваат истражните органи да се зафатат со работа. Споменатата медицинска сестра пред шест месеци била фатена со 20 ампули од различни медикаменти односно хемотерапии, во својот автомобил. Наместо за кражба, МВР ѝ поднесе кривична пријава за три кривични дела по член 240 „послужување“.

Според МВР, пријавената во неколку наврати се послужувала неовластено со скапи лекови цитостатици и скапи витамини кои се користат за лица заболени од карцином.

Но, за кого биле наменети дваесетината различни ампули од различни видови цитостатици кои полицијата ги најде кај младата медицинска сестра, никој не истражува. „Таксол“, „Доцетаксел“, „Флуорацил“, „Доксорубицин“, „Епирубицин“, „Ендоксан“, „Зомета“ – сите овие цитостатици биле на листата за која на Клиниката за онкологија со пописот било констатирано дека има помалку дози отколку што требало да има. Пред овој случај, еден вработен во аптеката на Клиниката за онкологија беше обвинет дека зел 100 евра мито од пациентка за да ѝ даде лек кој што морала да го прима и ѝ следувал без да го плаќа.

„Во предметот со вработениот обвинет за поткуп, поднесено е обвинение до надлежен суд и во тек е судска постапка. Јавното обвинителство ги анализира извештаите на Државниот завод за ревизија, но и написите на медиумите на оваа тема. Доколку притоа се констатираат елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи и ќе ги испита наводите“, изјавија од Обвинителството за „Слободен печат“.

За оваа клиника загрижува и официјалниот извештај на ревизорот според кој клиниката функционира со 20 милиони евра дупка односно загуба, а и тоа што украдените цитостатици е можно да се крадат за да се препродаваат на црниот пазар, како што веќе пишуваше „Слободен печат“.

Инаку ревизорот констатираше дека на Клиниката за онкологија, вработените работат на места што не постојат, платите им се одредени по произволни коефициенти, нема правила и критериуми за приклучување на пациенти на биолошка терапија, пописот не е целосно спроведен, нема планирање контрола и реализација на условниот надоместок за набавка на биолошката терапија.

Клиниката ја тужат добавувачи, тоа што го пишува во сметководствената евиденција и реалната количина на залихи лекови се „ден и ноќ“, до ФЗОМ е фактуриран потрошен износ на лекови во дневната болница на износ понизок од евидентираниот потрошок во материјалната евиденција. Биолошката терапија според ревизорскиот извештај била набавувана на реверс и за нив немало формирана цена.

„Во Клиниката не се донесени медицински протоколи со кои ќе се постават критериуми за тоа кој пациент треба да прима биолошка терапија, ниту пак се носеле одлуки за тоа на научен колегиум. Во 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примат биолошка терапија, а одобрение давал медицинскиот директор без да земе предвид дали Клиниката има доволна количина лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата. Ревизорот смета дека на ваков начин се препишувале лекови во количини што на Клиниката ги немало и не биле обезбедени пари од буџетот. Тоа прави ризик биолошката терапија да не е достапна за секој пациент на кого му е препишана“, констатира Државниот завод за ревизија.

Во состојбите за Клиниката за онкологија се наведува дека само една фирма имала право да ја продава оваа биолошка терапија. Клиниката ја тужат различни странки во судски постапки главно за неплатени пари за лекови и медицински материјали.

Клиниката нема пишана процедура за тоа како се прима, издава, троши и евидентира залихата на лекови и медицински потрошен материјал во рамките на аптеката и секоја организациска единица одделно.

Тоа се виде и кога пред шест месеци, медицинската сестра украде дваесетина ампули цитостатици и ги изнесе во својот автомобил, па инспектори по претрес на автомобилот ги запленија тие ампули. Со тој мега скандал, се отвори прашањето дали овие лекови се крадат за да завршат препродадени на приватни пациенти, но Обвинителството од некоја причина не се заинтересира за оваа ситуација и шест месеци нема епилог.

Во 2020 и 2021 година, во четири наврати клиниката за сервис на апаратите за болните потрошила 37 милиони 61 илјади денари, што е околу 600 илјади евра.

Ревизорот констатира дека Клиниката се соочува со повеќе пациенти и постојан недостаток на лекови особено за биолошка терапија за која се одобрува условен буџет.

Дополнително, во 2016 година од Министерството за здравство Клиниката добила акцелератор, ама наместо да го намонтира и да го користи за болните од канцер, го ставила апаратот во царинско складиште и секоја година плаќала по 189 илјади денари за апаратот таму да „фаќа прашина“.

Со оглед на тоа што апаратот во царинското складиште стои од 2016 година, досега се платени над 1.1 милиони денари за целиот период на чување. Во меѓувреме на апаратот му истекла и гаранцијата. Ова е само еден пример за недомаќинското и скандалозно финансиски неприкладно работење на оваа јавна здравствена установа, рекордер во финансиски загуби на целиот клинички центар „Мајка Тереза“. Ревизорот изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот