Трговија со здравје: Дали крадењето цитостатици на Онкологија открива мегамрежа за препродавање?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

За кого биле наменети дваесетината различни ампули од различни видови цитостатици, кои полицијата ги најде кај млада медицинска сестра на Клиниката за онкологија минатата недела? Таксол, Доцетаксел, Флуорацил, Доксорубицин, Епирубицин, Ендоксан, Зомета – сите овие цитостатици биле на листата за која на Клиниката со пописот било констатирано дека има помалку дози отколку што требало да има, дознава „Слободен печат“ од свои извори.

Различните ампули биле во возилото на сестрата, која честопати помагала и во нивното подготвување односно растворање во инфузионите раствори пред истите да им бидат дадени на пациентите во дневната болница. Истите извори кои се доброупатени во процедурите на болницата даваат неколку можни сценарија, зошто овие скапи лекови кои ги има на залиха и не се дефицитарни за пациентите со здравствено осигурување во Македонија, сепак биле изнесувани од болницата.

Важно е да се знае, дека „пазарот“ каде би можеле да завршат овие ампули е тесен и специфичен. Во земјава има оддел за онкологија во една приватна болница, но ампулите украдени од државна Онкологија не би можелe да завршат таму. Причината е едноставна – во приватната болница во Скопје, на пациентите не им е дозволено да носат терапија од надвор, туку мора да ги примаат цитостатиците кои ги набавува самата приватна здравствена установа.

Но, на државната Клиника за онкологија дозволено е да доаѓаат и приватно терапија да примаат пациенти од соседството. На овие странски пациенти, на државна Онкологија им е дозволено самите да го набават цитостатикот пред да стапнат на Клиниката за радиотерапија и онкологија и само да платат администрирање на инфузијата. Можно е државно скапите и тендерски набавени цитостатици, да биле крадени за да им се дадат на овие пациенти по дампинг цени, велат нашите извори од Клиниката.

– Приватните странски пациенти, стигнуваат пред зграда, кажуваат дека се приватни пациенти и дека немаат здравствено осигурување и дека бараат доктор за некој вид на канцер. Се упатуваат кон различни лекари. Оди пред амбуланта и на шалтер го вметнуваат веднаш, не чекаат. Се прави консултација, му се дава листа на цени и тој решен, сака тука и во сметководство му прават пресметка. Отвора македонска трансакциска сметка, и од македонска банка уплаќа на Клиника за она што му е спроведено. Е кога доаѓа ред да биде на терапија, му се даваат таблети што треба да ги пие како подготовка. А лекот што треба да го прима, му објаснуваат колку чини и дали го има на клиниката. Има право и самиот да си го набави и да го донесе. Дел овде плаќаат и ги купуваат од болницата, а дел си носат од надвор. Никој не го интересира како е набавен цитостатикот што пациентот ќе го донесе од надвор. Само ги интересира да е точната доза и точниот цитостатик. Тие што плаќаат овде, добиваат рефундација во странство. Но, има и такви странски пациенти на кои не им следува рефундација зашто немаат странско здравствено осигурување, не работат и ним повеќе би им се исплатело да платат под рака отколку по реалната цена системски, вели нашиот извор од Клиниката.

Дополнително, цитостатиците не се обележани со никакви посебни налепници од болницата, за да се препознае дека се изнесени од самата Клиника. Втората можност е тие да завршуваат на странските пазар. И двете сценарија се скандалозни, но засега истражните органи не ги истражуваат.

Медицинската сестра втор пат фатена во кражба на цитостатици

Истата медицинска сестра која што беше фатена со ампулите минатата недела, и во 2020 година изнела цитостатици од клиниката. Тогаш неа во полициска станица Центар ја пријавила колешка што ја видела додека ги изнесува цитостатиците од работа.

Настанот се случи на втори јуни 2020 година, а кривичното дело за кое тогаш информираше МВР беше – „кражба во обид“ на разни ампули. Полицијата тогаш извести дека презема мерки за целосно расчистување на случајот.

Но, три години подоцна, истата медицинска сестра повторно беше фатена во кражба на цитостатици, а јавниот обвинител уште не завршил со постапување за претходниот случај од 2020 година. Не само што МВР и Обвинителството не ја расчистиле кражбата од 2020 година, туку и второто кривично дело од минатата недела МВР го претстави со друго име односно не е квалификувано како „кражба во обид“ туку како „послужување“. За кривичното дело „послужување“ според членот 240 од Кривичниот законик, ќе одговара тој што неовластено ќе се послужи со пари, хартии од вредност или други подвижни предмети. За ова дело се плаќа или парична казна или затворски се издржува казна до една година.

Во меѓувреме, Обвинителството не го ни завршило претходниот случај од 2020 година.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје преземаше повеќе дејствија во рамките на претходна постапка за испитување на сите околности на настанот. Проверките се во финална фаза и наскоро ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, ни одговорија од Јавното обвинителство за случајот на поднесена кривична пријава за „кражба во обид“ за истата медицинска сестра од 2020 година.

Во меѓувреме Клиниката за онкологија, скандалот со крадење цитостатици од минатата недела го „реши“ со нов ѕид и пулт сличен на шанк, односно во саботата го оградиле просторот околу дигесторот за да се забрани и ограничи влезот кај цитостатиците на помал број вработени.

Од таму за „Слободен печат велат дека истиот ден кога е констатирана кражбата извршиле вонреден попис.

„Со оглед на тоа што во тек е постапка и за истата треба да следи разрешница. Украдените лекови беа одземени од страна на полицијата. Редовен попис беше извршен еден ден пред кражбата и пописот се спроведува еднаш неделно. Имаме регистрирано недостатоци и затоа беа спроведени мерки согласно кои се утврди кражбата со доказ“ ни изјавија од Клиниката.

Ревизијата откри финансиски недоследности

Ревизорите изминатите месеци работеа деноноќно на оваа Клиника. Според информации на „Слободен печат“ ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија ќе биде објавен наскоро и открива скандалозни состојби во оваа болница поврзани со финансиски недоследности.

Според екс министерот за здравство Беким Сали, долгот на оваа клиника е 13 милиони евра, што претставува рекорд на цел Клинички центар „Мајка Тереза“.

Пред четири месеци вработена на Клиниката изнесе скандалозни обвиненија, кои Јавното обвинителство не ги истражува по допрен глас – дека дел од цитостатиците им се давале на пациентите половично, за другите да може да се стават во џеб и да се препродадат приватно. Таа рече дека во одделението на дневната болница има посебен простор од задната врата каде што влегувале пациенти кои плаќале во кеш.

Едно е сигурно – ампулите морало да бидат крадени, за некому да бидат продадени, со оглед на тоа што имало различни видови на цитостатици, во поголем обем. На Клиниката се обративме со прашања како е возможно нивните месечни пописи да не ги регистрираат недостатоците и колку цитостатици им недостасуваат споредено со претходниот попис, но одговор до објавувањето на овој текст не пристигна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот