Зошто Клиниката за Онкологија ѝ даде втора шанса на сестрата која крадеше цитостатици?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Не само во понеделникот и во вторникот – медицинската сестра од Клиниката за радиотерапија и онкологија цитостатици крадела и порано, но после дисциплинската постапка во минатиот случај кога била фатена во кражба на скапите и животоспасувачки медикаменти, не само што не и била одземена лиценцата за работа, туку таа била вратена на работа, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Клиниката кои инсистираат на анонимност.

Според нашите информации, неколку месеци во 2020 година, медицинската сестра поминала надвор од болницата, затоа што против неа поведена била дисциплинска постапка за украдени ампули, но во екот на ковид пандемијата била вратена на работа и тоа во истиот оддел, во дневната болница каде ги вршела кражбите. Првиот пат, кај неа пронајдени биле ампули Доксорубицин, а вториот пат различни типови на ампули цитостатици, околу 20 на број.

Доксорубицинот се користи за саркоми на меките ткива, леукемија, карцином на тироидната жлезда и дојките, како и за карцином на јајниците.

Полицијата во својот дневен билтен, воопшто не ја информираше јавноста дека се украдени цитостатици, лекови за најризичните пациенти, кои се во постојан дефицит. Според наши информации, во Клиниката за онкологија, дента кога биле украдени дваесетте ампули, во вторникот, бил извршен и вонреден попис, од кој констатирани биле и други недостатоци, што значи дека фалат и други лекови. Медицинската сестра не работела на припремање на цитостатиците, туку само на нивно администрирање, а кражбата ја извршила под камерите кои постоеле фокусирани на шкафот каде биле чувани скапите терапии.

Пред пет месеци, младо момче од Дебар кое работеше во аптеката на Клиниката за онкологија прими 100 евра поткуп за да ѝ издаде имунотерапија на пациентка на која што таа ѝ следувала. Според обвинителството, тој во два наврати директно побарал и примил подарок за себе, за да изврши службено дејствие кое би морал да го изврши – да издаде имунотерапија за една пациентка иако истата бил должен да ја издаде од аптеката во рамките на Клиниката за онкологија бидејќи за неа имало издаден медицински извештај од специјалист онколог. Вработениот во октомври минатата година побара и прими 100 евра бележани пари за да ја издаде терапијата на пациентката со канцер.

Поранешниот министер за здравство Беким Сали побара на Клиниката за онкологија да се изврши вонредна ревизија, зашто фалат пари, а во дадениот период фалеа и цитостатици. Но, резултатите од ревизијата и покрај тоа што ревизорите поминаа два месеци на клиниката во секојдневна работа – останаа непознати. Сали тогаш изјави дека Клиниката има буџетска дупка од 13 милиони евра.

Се проверуваа медицински истории на пациентите, се бараше на чии медицински картони се раздолжени скапите цитостатици и дали тоа било правено правилно согласно прогресијата на болеста, а на дел од вработените од пониските ешалони, одземено им беше правото да креираат упати, зашто се под сомнеж дека за дефицитарни и тешки за наоѓање дијагностички процедури, како на пример пет скен, нивните членови на семејствата, наоѓале приоритетни термини токму преку нив. Со пет скен се гледа до кој степен е прогресијата на канцерот, а потоа тоа помага да се процени најефикасниот третман.

Еден од случаите за кои поседуваме документација е за пациент кој боледувал од канцер на желудникот и починал во 2014 година. Човекот и во 2022 година се води како активен пациент во електронскиот систем на Клиниката за онкологија и за него се генерираат упати, но овој пат за некој што има дијагноза канцер на простата. Самото тоа што за починат пациент во 2014 година, Клиниката не го затворила електронскиот картон, оставена била можноста друг пациент со истото име а со различна дијагноза, да се лекува во евиденцијата на починатиот пациент. Ревизорите проверуваа дали ова е воспоставена пракса на Клиниката која може да се употребува и за фиктивно покритие за скапите терапии.

За еден од случаите за кои поседуваме документација, пријавено на ревизорите им беше дека пациент кој во 2014 година починал – и во 2021 година и во 2022 година во електронскиот систем на Клиниката впишано е дека му се спроведувале медицински активности. Кога ќе се погледне ова медицинско досие, се гледа податокот дека неговата сопруга во 2014 година дала податок дека тој е во влошена општа состојба, има малаксаност, слабост и чувство на гушење. Имал алергија на цитостатикот. Дијагнозата му е канцер на желудник. Не е запишано дека починал, иако во 2014 починал. После тоа, во сосема истото досие за овој човек, во 2021 година некој почнува да се лекува од простата, да добива хормонска терапија како и да му се креираат упати.

Претставка до Народниот правобранител преку здружението на млади правници поднесоа две пациентки, едната од Скопје, другата од Битола, зашто иако имаат канцер на дојка, нивниот цитостатик кој е исклучително ефективен и помага да се стопира растот на малигните клетки а се вика Херцептин, на Клиниката за онкологија доцнеше. Кога ваков цитостатик доцни, тоа предизвикува во текот на една година овие жени да прескокнуваат и по неколку од препишаните 18 херцептини, што пак е огромен ризик за нивниот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот