Сестрата на министерот Тупанчески се повлече од трката за обвинител-претставник во Европравда

Сестрата на министерот за правда Никола Тупанчески, обвинителката Наташа Гоџоска, ја повлече својата кандидатура од трката за избор на јавен обвинител што ќе ја претставува земјава во Европравда, потврдија од обвинителството за ТВ 24.

Гоџоска беше меѓу петтемина кандидати пријавени за оваа позиција, а таа се повлекува поради можен судир на интереси.

Европравда (Eurojust) е европска организација за соработка во казненото право.

– Јавниот обвинител Наташа Гоџоска ја повлече својата пријава на интерниот оглас. За позицијата – јавен обвинител за врски со Европравда пријавени се уште четворица јавни обвинители. Јавниот обвинител на РСМ ги разгледува пријавите и ќе донесе одлука кого да предложи за позицијата, велат од ОЈО.

Иако републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески е тој што ќе го избере кандидатот за оваа позиција, според член 112 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, изборот формално го врши министерот за правда, што значи дека со повлекувањето на Гоџоска е избегната ситуација во која Тупанчески ќе требаше формално да ја постави својата сестра на оваа позиција, доколку претходно Јовески ја избереше токму неа, пишува ТВ 24.

Со повлекувањето на Гоџоска, остануваат уште четворица пријавени кандидати за позицијата обвинител за врски од Македонија со Европравда и тоа – Ленче Ристоска, јавен обвинител во ОЈО Скопје, Ивана Трајчева, јавен обвинител во ОЈО ГОКК, Дејан Петрески, јавен обвинител во ОЈО Скопје и Александар Маркоски, исто така јавен обвинител во ОЈО Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот