Сериозни промени во ВАР технологијата за Мундијалот
Првиот човек на судиите во ФИФА, легендарниот Пјерлуиџи Колина, потврди дека на претстојното Светско првенство во САД ќе бидат воведени значајни промени во ВАР технологијата.
Препорачано
Според Колина, две новини ќе имаат директно влијание врз одлуките на судиите:
1. ВАР ќе интервенира при можен втор жолт картон
Доколку играч веќе има жолт картон и направи прекршок кој може да биде основа за втор жолт, ВАР ќе има право да интервенира и да предложи преглед на ситуацијата. Ова е значајна промена, бидејќи досега ВАР не се вклучуваше во ситуации поврзани со жолти картони.
2. ВАР ќе ги проверува сите корнери
Системот ќе проверува дали корнерот е правилно досуден, бидејќи во изминатите години често се случуваа голови по погрешно досудени корнери. Колина нагласува дека проверката ќе се прави во рок од 10–15 секунди – времето кое природно поминува од досудувањето до изведувањето на корнерот – без дополнително одложување на играта.
Колина повтори дека главната цел е фер–плејот и избегнување ситуации кои можат да го нарушат интегритетот на натпреварите.
„Сакам натпреварите во важни натпреварувања да се решаваат исклучиво од она што фудбалерите го прават на теренот. Ако можеме да избегнеме неправди, треба да го направиме тоа. Но најважно – без дополнителни паузи. Никој не сака уште повеќе одложувања,“ изјави Колина.
Овие промени ќе бидат применети исклучиво за Светското првенство во САД, по што ќе се одлучува дали ќе станат дел од стандардниот ВАР протокол.


