Секој трет граѓанин видел религија во изборите – но малкумина гласале по таа линија
Овој труд на ИПИС, Религија.мк и фондацијата КАС е дел од поширок проект за анализа на перцепциите на граѓаните за улогата на религијата во мултиконфесионалните општества.
Предизборните натпреварувања за локалните избори повторно ја отворија дебатата за тоа колку религијата се користи како средство за политичко влијание.
Препорачано
Новото истражување „Религијата во политичките кампањи“, спроведено од Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС), интернет-порталот Религија.мк и фондацијата Конрад Аденауер (КАС), открива дека значителен дел од граѓаните препознаваат поврзување меѓу верските чувства и изборната трка.
Според резултатите, речиси секој трет испитаник оценил дека религијата била целосно или барем делумно искористена за прибирање гласови.
Иако бројката сè уште е висока, споредбата со претходните години укажува на постепено намалување на ваквата пракса. Истовремено, истражувањето посочува дека и покрај користењето на религијата во кампањите, само мал дел од гласачите навистина биле мотивирани да го дадат својот глас под религиски влијанија – дури 75% изјавиле дека религијата воопшто не играла улога во нивниот избор, додека за 16% таа била фактор.
Податоците покажуваат и разлики меѓу политичките блокови. Кај македонските партии, највисока употреба на религијата граѓаните препознале кај ВМРО-ДПМНЕ со средна оценка од 2.34 (на скала каде 5 означува највисока употреба). Кај СДСМ оценката е 1.84, а кај Левица 1.74.
Во албанскиот политички блок, пак, забележани се повисоки вредности – ДУИ има средна оценка 2.73, а Вреди 2.65. За независните кандидати вкупната средна оценка изнесува 1.9.
Една од највидливите форми на спојување на политиката со религијата, според истражувањето, било барањето благослов од верски претставници во текот на кампањата.
Тоа, меѓутоа, не наидува на одобрување кај мнозинството граѓани: 64.2% сметаат дека таквата практика е неприфатлива, а само 21.1% ја поддржуваат. Слично, 68.3% од испитаниците се изјасниле дека се против употребата на религија и религиски симболи во политичка кампања.
Иако повеќе од половина од граѓаните би гласале за политичар со различна вероисповед, дел од нив сè уште ја гледаат конфесијата како фактор во изборот на политичка опција. Истражувањето покажува и дека половина од испитаниците (со одговори „да“ и „до некаде да“) сметаат дека религијата сè уште има влијание врз политичките процеси, иако е забележано мало опаѓање на оваа перцепција во споредба со претходните години.
Во врска со фаворизирање од страна на верските заедници, 24.3% анкетирани веруваат дека на локалните избори одредени партии навистина биле поддржани од религиски претставници. Од нив, 27.4% сметаат дека најмногу била фаворизирана ВМРО-ДПМНЕ, 26.3% ДУИ, 21.2% Вреди, а само 1.1% го посочиле СДСМ.
Истражувањето е спроведено во ноември 2025 година, веднаш по завршувањето на локалните избори, на репрезентативен примерок од 1128 испитаници. Структурата на примерокот ги следи најновите статистички податоци во однос на пол, возраст, образование и професија, со маргинална грешка од +/-3.2%.
Овој труд на ИПИС, Религија.мк и фондацијата КАС е дел од поширок проект за анализа на перцепциите на граѓаните за улогата на религијата во мултиконфесионалните општества.


