Сефте на Косово: Македонската армија од утре во прва мисија како членка на НАТО

АРМ / Фото: Фото: Архива на „Слободен печат“

Армијата на Република Северна Македонија како 30-та земја членка на НАТО првпат директно ќе учествува во мисијата на КФОР. Утре во рамки на првата ротација, 44 припадници на Армијата ќе се упатат во мисијата на НАТО во Косово, составена од штабни офицери и вод за обезбедување, кои ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата и командата „Запад”.

Во присуство на највисокиот воен и државен врв, во касарната „Илинден” во Скопје ќе се реализира воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисија на КФОР.

Од АРМ соопштија дека пред оваа мисија припадниците на Армијата поминале низ потребниот процес на обука, подготовки и селекција каде се извежбувале и обучувале за изведување на задачи кои ги очекуваат за време на мисијата.

– Припадниците на Армијата својата подготвеност, интероперативност и способност за извршување на најтешки задачи, веќе ги имаат докажано во досегашното 18 годишно учество во мировните мисии Исаф и „Одлучна поддршка“ во Авганистан и мисиите „Слобода за Ирак“, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и „Унифил“ во Либан, информираа од АРМ.

Армијата на Република Северна Македонија како 30-та земја членка на НАТО првпат директно учествува во мисијата на КФОР, а во досегашниот период учествуваше посредно преку обезбедување на логистичка поддршка за НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој вршеше координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.

Активноста ќе се реализира во согласност со протоколите и преораките на Комисијата за заштита од заразни болести за бројот на учесниците, здравствено-безбедната организација и движењето, со обезбедено растојание и заштита.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот