Седмоодделенецот кој давеше соученик не може кривично да одговара иако жртвата заврши со скршеница на главата

Малолетникот кој пред неколку дена во основно училиште во Велес давеше соученик кој заврши на Клиниката за неврохирургија со скршеница на черепот, не може кривично да одговара бидејќи е помал од 14 години. Во расчистување на инцидентот се вклучи и велешката полиција и обвинителство, но какви мерки ќе има за дванаесетгодишниот седмоодделенец ќе одредат социјалните служби.

-Во однос на настанот во Велес, велешкото обвинителство е известено веднаш по настанот. Се преземаат дејствија и се обезбедува медицинската документација. Меѓутоа, со оглед на неговата возраст, детето кое го сторило делото не е кривично одговорно согласно македонското законодавство. Од тие причини, по целосно документирање на настанот, евентуалните мерки ќе ги одредат социјалните служби – велат од Обвинителството за „Слободен печат“.

Какви мерки ќе преземе Центарот за социјални работи не се знае. „Слободен печат“ се обиде да контактира со Центарот, но не се јавуваше никој на телефонските броеви.

Инцидентот што ја вознемири велешката, но и цела македонска јавност се случи на 20 ноември на мал одмор во училиштето „Блаже Конески“ кое во градот важи за „елитно“.
Според информациите кои ги доби „Слободен печат“ од родители на деца кои учат во ова одделение, двете деца се скарале меѓу себе, па едното дете почнало да го дави својот соученик. Детето жртва почнало да губи воздух од силното давање, изгубило свест и паднало на подот. При падот се ја удрило главата и почнало да му тече крв. Веднаш била повикана Брза помош, а детето од велешката болница било пренесено на Клиниката за неврохирургија во Скопје.
Случајот веднаш бил пријавен во полиција.

-На 20.11.2024 во Полициска станица Велес било пријавено дека во Општинско основно училиште во Велес, малолетник физички нападнал друг малолетник-негов соученик. Со Итна медицинска помош Велес малолетникот бил однесен во болницата во Велес за укажување на лекарска помош. За настанот известен бил јавен обвинител и Центар за социјални работи Велес. СВР Велес презема мерки за расчистување на случајот- е првичната пријава во полиција.

Според нашите информации од Клиниката за неврохиругија, детето е во стабилна состојба, но има скршеница на черепот, позади увото. Среќна околност е што малолетникот нема да треба да биде опериран, но ќе остане на Клиниката на дополнителни испитувања додека му заздравува черепот.

Ниту детето напаѓач, ниту детето жртва не биле од дисфункционални семејства, но она што го коментираат родителите е дека за овие инциденти виновен е системот. „Сите брзаме по трка за пари и децата ги заборавивме“.

Директорката од основното училиште, Маја Коруновска не сакаше дополнително да коментира и рече дека училиштето имало официјална изјава за инцидентот.

-Веднаш се извршени разговори за резрешување на случајот со сите ученици од одделенската заедница, индивидуално е разговарано со ученикот кој го предизвикал инцидентот и разговори со група на ученици од одделението. Известени се и повикани на разговор родителите на ученикот кој го предизвикал инцидентот и запознаени се со целиот случај и понатамошните постапки што ќе ги преземе училиштето за случајот.

Од страна на училиштето е постапено во согласност со Законот за основно образование и се известени СВР Велес и Центарот за социјални работи Велес. Во училиштето е направен увид од страна на службени лица од СВР Велес при што е објаснет целиот инцидент и се дадени индивидуални изјави од стана на неколку предметни наставници, лице од технички персонал и директорот, кои интервенирале веднаш по случувањето на инцидентот, се вели во изјавата од училиштето.

Но, дента ова не бил единствен инцидент. Во СВР Скопје било пријавено дека во Градската општа болница Св.Наум Охридски со убодни рани бил донесен малолетник од село Кучевиште, скопско.

-Според пријавеното, кај Транспортниот центар во Скопје тој бил физички нападнат од група малолетници, при што еден од нив со остар предмет му нанел убодни рани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – се наведува во билтенот на МВР.

Инцидент меѓу малолетници бил пријавен и во основно училиште на подрачјето на Чаир. Татко пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од тројца ученици од училиштето.

Народниот правобранител на Светскиот ден на детето излезе со застрашувачки информации за зголемување на бројот на претставки за врсничко насилство.
Васка Бајрамовска-Мустафа, државен советник во канцеларијата на Народниот правобранител, кажа дека врсничко насилство најмногу има во основните училишта, дури, рече, и кај деца од второ и трето одделение, а помалку го има во средните училишта.

-Како жртви секогаш се јавуваат или послабите деца, децата кои се поповлечени, многу често децата со попреченост или децата кои потекнуваат од многу посиромашни или недоволно едуцирани семејства… Податоците покажуваат дека состојбата е иста, ако не и полоша за разлика од претходната година. Претставките што ги добиваме покажуваат дека, за жал, врсничкото насилство сѐ уште е присутно и тоа особено во училиштата, а го има и надвор, во парковите. Наместо другарување, користиме насилство. Споредено со минатата година, податоците покажуваат дека во институцијата Народен правобранител бројот на претставки повторно се движи околу триесет, најчесто за физичко насилство, но нашите посети во училиштата покажуваат дека, за жал, ние сѐ уште не ги препознаваме останатите облици на насилство. Токму затоа, преку проектот на ЕУ, одлучивме со видео да почнеме кампања за подигање на свеста за промовирање на правата на децата и заштита на децата од врсничко насилство, изјави Бајрамовска-Мустафа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот