Седма година суша на нафтоводот Солун – Скопје – Слободен печат
ВестиЕкономија

Седма година суша на нафтоводот Солун – Скопје

Изминува седмата година откако во 2013. беше стопиран транспортот на сурова нафта преку нафтоводот Солун – Скопје, а сè уште нема никакви конкретни најави за негово рестартирање.

Нашата земја е една од ретките која на својата територија има нафтовод што не го користи. Изминува седмата година откако во 2013. беше стопиран транспортот на сурова нафта преку нафтоводот Солун – Скопје, а сè уште нема никакви конкретни најави за негово рестартирање.

Прекинот на транспортот тогаш беше образложен со застарена технологија во рафинеријата „Окта“ и неисплатливата преработка, но се чини дека главна причина за неискористеноста на оваа енергетска инфраструктура е што македонската Влада и грчката компанија „Хеленик петролеум“, која преку своите компании-ќерки има мнозинска сопственост во рафинеријата и нафтоводот почесто комуницираат со тужби и калкулации отколку со јазик на разбирање.

Нафтоводот Солун – Скопје почна со работа во 2002 година, има должина од околу 213,5 километри и носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно. Транспортот на суровата нафта се одвиваше од терминалот на „Хеленик Петролеум“ лоциран во индустрискиот комплекс во Солун до терминалот во „Окта“.

Во 2012 година преку нафтоводот беа увезени 259.355 тони сурова нафта, односно за 62,18 отсто помалку количини на сурова нафта во однос на увезените количини во 2011 година. Кога почна со работа нафтоводот транспортираните количини беа неколкукратно поголеми.

„Хеленик Петролеум“ преку нејзината компанијата „ЕЛПЕТ Балканики“ е мнозински сопственик на рафинеријата „Окта“ и сопственик на 80 отсто од капиталот во грчко-македонската компанија „Вардакс“, која стопанисува со нафтоводот. Останатите 20 отсто од нафтоводот се во сопственост на нашата земја.

Грците во текот на 2016 година во времето на минатата владејачка структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ најавија дека нафтоводот е исчистен од остатоците од сурова нафта и дека е приспособен за транспорт на дизел гориво.

Тие ја обвинија тогашната Влада дека не дава дозвола за пуштање на употреба на нафтоводот иако тоа би било корисно за македонските граѓани и економијата бидејќи би се обезбедил сигурен и квалитетен транспорт на дизел, кој е убедливо најупотребувано гориво во нашата земја.

Претставниците на „Хеленик Петролеум“ не најдоа заеднички јазик со Владата на Никола Груевски по ова прашање, но по се изгледа дека имаат проблеми да се договорат и со актуелната Владата предводена од премиерот Зоран Заев.

Во меѓувреме наместо договор меѓу двете страни, грчката компанија активира тужба против земјава во која побарува отштета од 32 милиони евра поради тоа што државата не ги откупувала количините мазут предвидени со купопродажниот договор за „Окта“.

За оваа проблематика, „Мета“ побара одговори од седиштето на „Вардакс“ во Солун. Оттаму соопштија дека не можат да одговорат на нашите прашања бидејќи во моментов меѓу двете страни се водат преговори од круцијално значење.

„Сепак, операцијата за транспорт на нафтени деривати преку нафтоводот од Солун до Скопје претставува значаен фактор за обезбедување сигурност во снабдувањето со гориво на нашата соседна земја“, велат од „Вардакс“.

Во Владата, пак, уште на почетокот на годинава изглегоа со ист став дека се водат преговори, но без конретни рокови и ставови околу можното решение.

Инаку, изнаоѓањето решение за овој проблем меѓу редови е споменато и во Преспанскиот договор, кој беше потпишан пред една година.

„Страните ќе ја развиваат и поттикнуваат нивната соработка во енергетскиот сектор, имено преку изградба, одржување и искористување на интерконективни гасоводи и нафтоводи (постоечките, оние коишто се во изградба и проектираните), а ќе соработуваат и во однос на изворите на обновлива енергија, вклучително и на соларни, на ветер и хидроелектрични капацитети“, пишува во еден од членовите од поглавјето од договорот кое се однесува на економската соработка меѓу двете земји.

Во него, се додава дека можните нерешени прашања брзо ќе се разгледаат и ќе се постигне заемно прифатливо решение, при што особено ќе се земе предвид Европската политика за енергија и европското законодавство во оваа област.

Сега останува да се види колку време ќе им треба на македонската и грчката страна да ја исполнат оваа обврска од договорот и да најдат заеднички јазик кој ќе доведе до рестартирање на нафтоводот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close