Се зголемува конкуренцијата: ЕК во преговори со шеста фармацевтска куќа за ковид вакцина

ЕК/ Фото архива

Европската Комисија (ЕК) денеска соопшти дека портфолиото за вакцини е комплетирано по заклучувањето на преговори со фирмата „БиоНТех-Фајзер“, јави дописничката на МИА од Брисел. Договорот со оваа компанија доаѓа по преговорите со „Санофи-ГСК“, „Џонсон и Џонсон“, „КјурВак“, „Модерна“ и „АстраЗенека“.

Склучувањето на договори со повеќе компании, за ЕК овозможува разновидност и конкурентност во трката по вакцина против коронавирусот.

– Можниот договор со „БиоНТех-Фајзер“ би овозможил на сите ЕУ земји членки да ја купат вакцината како и да се донира на земји со низок или среден приход или да се пренасочи кон европски земји, соопшти ЕК.

Начелно се предвидени 200 милиони дози за сите земји членки на ЕУ, со опција за дополнителни 100 милиони дози откако ќе се утврди дека вакцината е ефикасна и безбедна.

– Среќна сум што можам да соопштам дека ги завршивме преговорите со „БиоНТех-Фајзер“ за начелен откуп на 200 милиони дози за идната вакцина против коронавирусот. Ова е шеста фармацевтска компанија со која завршивме преговори или потпишавме договор за потенцијална вакцина во рекордно време. Нашите шанси за развој и дистрибуција на безбедна и ефикасна вакцина никогаш не биле поголеми, како за Европејците дома, така и за остатокот од светот, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Европската стратегија за вакцини е усвоена во јуни годинава и има за цел да им обезбеди на европските граѓани достапна и безбедна вакцина во најкус можен рок штом таа биде готова, најверојатно во наредните 12 до 18 месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот