Фото: Википедија

Се сруши уште еден американски воен авион, пилотот куртулил

Втор борбен авион на американското воздухопловство се урна во областа на Персискиот Залив, а единствениот пилот е спасен, изјавија двајца американски официјални лица за „Њујорк тајмс“, пренесе Ројтерс.

Јуришниот авион „А-10 Вортхог“ паднал во близина на Ормускиот Теснец приближно во исто време кога „Ф-15Е“ бил соборен над Иран, наведуваат официјалните лица кои зборувале под услов на анонимност поради чувствителноста на оперативните информации.

Њујорк тајмс напоменува дека официјалните лица не изнеле многу детали за падот на А-10, вклучително и како и каде точно се случил.

Каков е тој авион?

„А-10 Вортхог“ е американски јуришен авион развиен уште за време на Студената војна, специјализиран за блиска воздушна поддршка на копнените сили. Неговата главна задача е уништување тенкови, оклопни возила и други цели на земја, поради што е опремен со моќен топ ГАУ-8 калибар 30 милиметри, еден од најсилните вградени вооружувања на кој било борбен авион.

Познат е по побавен лет во однос на другите борбени авиони, но токму тоа му овозможува попрецизно дејствување и подолго задржување над бојното поле. Она по што Вортхог е особено препознатлив е неговата издржливост. Дизајниран е да преживее погодоци од земја, има оклопена пилотска кабина и системи што овозможуваат продолжување на летот дури и при сериозни оштетувања. Поради тоа пилотите често го нарекуваат „летечки тенк“.

Соборен и Ф-15

Да потсетиме, претходно денеска беше објавено дека еден пилот е спасен откако Иран соборил американски воен авион. Два американски извора за Ројтерс изјавија дека авионот бил двосед Ф-15Е и дека потрагата е во тек.

Корпусот на Иранската револуционерна гарда соопшти дека го пребарува подрачјето во близина на местото на падот на авионот на југозападот од Иран. Регионалниот гувернер вети награда за секој што ќе го фати или убие пилотот.

ВИДЕО | „Ќе го пронајдеме“ – вооружено иранско племе тргна во лов на американскиот пилот

Израелските медиуми, повикувајќи се на израелски официјални лица, објавија дека еден пилот е спасен. Американската телевизија Си-би-ес њуз извести исто, повикувајќи се на двајца американски официјални лица.

Оваа несреќа укажа на ризикот со кој се соочуваат американските и израелските авиони над Иран, и покрај тврдењата на Трамп и министерот за одбрана Пит Хегсет дека нивните сили имаат целосна контрола врз иранскиот воздушен простор, наведува Ројтерс.

ФОТО | Соборен е американски борбен авион, пилотот паднал во рацете на Иранците

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот