Илустративна фотографија за љубовен пар / Фото: Pexels

Се шири нов тренд на љубовните состаноци: Нема повеќе запознавање, туку веднаш емоционално „бомбардирање“

Според експертка за љубовни врски, во последно време се појавува нов тренд во запознавање и излегување на рандевуа познат како „турбодејтинг“. Овој тренд може да ги направи некои луѓе полесна мета на емоционално „бомбардирање“, манипулативна тактика со која некој прерано и претерано ве затрупува со внимание и големи изјави на љубов. Советничката за врски и разводи Ванеса Вајт за „СВНС“ објасни на што треба да се внимава.

Што е „турбодејтинг“?

„Турбодејтинг“ е пристап кон љубовните состаноци при кој се прескокнува воведниот, неформален дел и веднаш се преминува на важни прашања, со цел да се избегне губење време со некомпатибилни партнери. Експертката Ванеса Вајт ги гледа предностите на овој тренд, но посочува и на одредени ризици.

– „Турбодејтингот“ има смисла. Тоа е за луѓе на кои им е преку глава од излегување на рандевуа со различни луѓе и сакаат брзо да откријат дали некој е вистинската личност за нив. Во ред е да прашате дали некој сака чај или кафе, но ако вие сакате брак и деца, а другата личност не, не се работи за тоа дали некој е добар или лош, туку едноставно сакате различни нешта. Тоа заштедува време и може да ви помогне мошне брзо да се зближите – вели Вајт.

Значи, „турбодејтингот“ во суштина значи забрзување на фазата на запознавање: наместо долг површински разговор и повеќемесечно излегување без јасни намери, луѓето веќе во првите два-три состаноци се обидуваат да добијат одговори на прашања кои реално ја одредуваат компатибилноста. Во популарните објаснувања, трендот се опишува како пристап при кој релативно брзо се одлучува дали односот оди во посериозна насока, односно порано отколку што било вообичаено.

Истовремено, тој „побрз влез во подлабоки разговори“ може да создаде чувство на брза блискост, бидејќи е познато дека структуираното, постепено самооткривање може да го забрза чуството на поврзаност меѓу луѓето.

Каде е границата?

Вајт предупредува дека „турбодејтинг“ понекогаш може да се искористи како параван за емоционално „бомбардирање“, тактика во која партнерот ја опсипува личноста со внимание за да создаде емоционална зависност и да преземе контрола.

– Проблемот е што границата меѓу „турбодејтинг“ и емоционалното „бомбардирање“ е многу тенка, па емоционалното „бомбардирање“ станува полесно да се продаде како нешто нормално. Емоционално „бомбардирање“ е кога некој целосно ве затрупува со внимание уште во првата недела од излегувањето, ви кажува дека сте му сродна душа, дека ве сака и дека сака да се ожени со вас, иако можеби сте се виделе само еднаш – објаснува Ванеса.

Како да се препознае разликата?

Ванеса вели дека постои едноставен тест за да се види разликата меѓу двете.

– Ако сакате „турбодејтинг“, но се плашите дека станува збор за емоционално „бомбардирање“ најдоброто што можете да го направите е да предложите малку да забавите. Не мора да инсистирате, но и самото прашање кажува многу, бидејќи реакцијата на другата личност ќе ви покаже сè – вели таа.

Експертката објаснува дека личност со здрави намери ќе се согласи и ќе ви даде простор. Во спротивно, додава Ванеса, доколку другата страна се налути кога ќе побарате простор, тоа е знак дека чувствува дека ја губи контролата во емоционалното „бомбардирање“.

Дополнителни знаци за предупредување

Меѓу советите, Вајт наведува и да обрнете внимание на јазикот и темпото со кое некој се обидува да влезе во врска.

– Уште еден клучен знак е туркањето во врска премногу брзо. Можеби сè ви делува интензивно, дури и малку непријатно, но вие сте толку поласкани од тоа колку некој е „заљубен“ во вас што на крајот велите – да. Тоа може да биде само уште една тактика на емоционално „бомбардирање“ бидејќи нивната цел е да преземат контрола – додава таа.

Вајт заклучува дека многу луѓе преку емоционалното „бомбардирање“ чувствуваат силна поврзаност, но предупредува:

– Тој интензитет не значи интимност. „Турбодејтинг“ може да биде можност за градење интимност, но не треба да биде премногу интензивен. „Турбодејтинг“ е здрав кога е насочен кон тоа навистина длабоко да ја запознаете другата личност, и тоа е големата разлика – заклучува таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот