Се реконструира вториот дел од „Ленинова“, ќе се вози само по една лента
Започна реконструкција на вториот дел од улицата „Ленинова“ во должина од над 600 метри, на потегот од булевар „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Препорачано
Во моментов се реализираат првата и втората фаза од реконструкцијата, на делот од „Партизански одреди“ до улицата „Наум Наумовски Борче“. На овој потег воведен е привремен режим на сообраќај во период од 30 дена, при што едната лента од коловозот е затворена, додека сообраќајот се одвива по другата лента од улицата.
Како што информираат од Општина Центар, реконструкцијата на улицата ќе се одвива во повеќе фази. За време на асфалтирањето, одредени делови од улицата ќе бидат целосно затворени, а возилата ќе се пренасочуваат по соседните улици. Станарите ќе имаат пристап до своите домови, а нивното движење ќе биде рачно регулирано во координација со изведувачот, при што непречено ќе се пропуштаат и интервентни возила.
Во програмата ветив подобрување на патната инфраструктура во општината. Со реконструкцијата на вториот дел од улицата „Ленинова“ воспоставуваме континуитет со првиот дел од оваа сообраќајница. Се предвидува уредување на коловозот, тротоарите и пешачките патеки, поставување велосипедска патека и обновување на зеленилото долж целиот потег, со што овој дел од улицата ќе добие поуреден и побезбеден изглед за сите учесници во сообраќајот, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Паркинзи за станарите и велосипедски патеки на обновената Ленинова
Првиот дел од улицата „Ленинова“ беше саниран во 2023 година, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тогаш беа поставени нов асфалт, нова водоводна и атмосферска канализација, реконструирани тротоари, поставено ЛЕД-осветлување и воведен резидентен паркинг.


