Се потфрли ли повторно со реновирањето на тревникот на Арената „Тодор Проески“?

Фото: Архива

Maкедонската фудбалска репрезентација на комплетно реновираниот тревник ја пречека Англија во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Натпреварот заврши без победник 1:1, а и покрај најавите дека фудбалерите ќе ги имаат најдобрите услови, слушнавме жалење од Англичаните.

„Слободен печат“ разговараше со човек кој добро го познава начинот на работа и одржувањето на тревата и како што тој ни тврди, сегашниот тревник не е изработен како што треба и повторно може да се соочиме со проблеми.

Англичаните се жалеа дека теренот е премногу тврд, тоа го потенцираше селекторот Герет Саутгејт по завршувањето на натпреварот.

„Што се однесува до теренот тој беше тврд, но сепак е нов и не дозволуваше да се креира добра игра“, изјави англискиот селектор.

Главна причина за таа тврда подлога најверојатно е слојот песок кој не е според стандардите за изградба на вакви терени.

„Долниот слој под вештачката трева се замешува со земја и песок за да може да има квалитетна коренова зона со цел тревата без проблеми да расте и да се одржува. Откако тревата ќе биде поставена се става најфин песок од најмногу еден милиметар, во овој случај е ставен песок од  дебелина до четири милиметри кој прави да биде тврда и токму тоа е најголемиот проблем. Според мене во иднина со експлатација на теренот ќе се појави повторно проблем“, зборува нашиот соговорник.

Според неговите информации при изработката на теренот се користени турски материјали чиј квалитет исто така би можел да преставува проблем.

Сега, се појавија шпекулации дека Арената ќе биде затворена до март и на неа нема да се играат натпревари со цел новиот тревник да добиел време да ги даде најдобрите услови.

Засега останува времето да покаже дали Фудбалската федерација која потврди и веќе се пофали дека изградила најсовремен тревник со најдобри услови направила добар избор со изборот на изведувачи кои работеа на теренот во изминатиот период.

Навистина би било премногу доколку и овојпат се потфрли, теренот веќе неколку пати се реновираше и беше затворен од УЕФА до пред натпреварот со Италија. Како што споменавме останува времето да покаже…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот