Се крчка нешто големо! Дали Романија ќе стане најпосетуваната туристичка атракција во Европа?
Романија се подготвува да стане ново европско туристичко средиште со проект инспириран од најпознатиот вампир на светот – грофот Дракула, пренесе Политика.
Препорачано
Инвеститорите ги открија плановите за изградба на огромен забавен комплекс „Дракула Ленд“, кој би можел да ја промени мапата на забавниот туризам во Европа и да привлече милиони посетители годишно.
Инвестицијата, вредна повеќе од една милијарда евра и целосно приватна, е замислена како мултидимензионална дестинација која комбинира забава, технологија, култура и луксуз – и претставува нешто повеќе од обичен забавен парк.
Што опфаќа проектот Дракула Ленд?
Според официјалните информации, комплексот ќе опфати тематски парк на површина од околу 780.000 квадратни метри, поделен во шест тематски зони со повеќе од 40 атракции инспирирани од легендите за Дракула и трансилванската митологија.
Во рамки на комплексот ќе има и мултифункционална арена со капацитет од 22.500 места за концерти и фестивали.
Планирано е отворање на три хотели со вкупно околу 1.200 соби, како и луксузна аутлет зона со повеќе од 70 брендови. Понудата за најпребирливите ќе ја надополни воден парк и термален спа-центар, еден од најголемите во Европа, како и тркачка патека за мотоспорт и центар за технолошки стартапи.
Технолошки и дигитални елементи
Проектот не останува само во физичкиот свет – се планира и метаверзум верзија на паркот, изградена во Unreal Engine 5, со сопствена дигитална валута наречена „Дракула Коин“, НФТ искуства и персонализација преку вештачка интелигенција, а посетителите ќе можат да учествуваат и во дигитални и во реални настани.
Некои бројки
Паркот треба да биде отворен на локација околу 20 минути северно од Букурешт, во близина на меѓународниот аеродром Отопени, на вкупно 160 хектари земјиште кое веќе располага со подготвена инфраструктура.
Организаторите очекуваат паркот да привлече околу три милиони посетители годишно, да влијае на отворање на повеќе од 5.000 директни и индиректни работни места и да оствари економски ефект вреден околу пет милијарди евра во наредната деценија.
Рокови и скептицизам
Официјалниот датум за почеток на изградбата сè уште не е потврден, но инвеститорите планираат првите фази да бидат отворени до 2027 година.
Иако инспириран од фикцијата на Брам Стокер и легендите за Влад Цепеш, инвеститорите сакаат „Дракула Ленд“ да стане културен симбол на Романија, кој ги спојува историјата и модерната технологија и создава глобален бренд на забава и туризам.


