Се договараат реформи на пензискиот систем: Ќе се зголемат ли стажот и придонесите?
Работната група повеќепати се состанала, а активно учество има и Светска банка, која во извештајот од крајот на мината година истакна дека „се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што сè повеќе старее“.
Владата формирала Работна група за реформа на пензискиот систем и таа „на големо“ работи. Во планирањето на реформата активно учествува и Светска банка. Засега нема детали во која насока се разговара, но познати се ставовите на Светска банка дека таа се залага за постепено зголемување на пензискиот придонес и за постепено зголемување на границата за одење во пензија на жените. Според нашето законодавство, и мажите и жените, доколку имаат најмалку стаж од 15 години, одат во пензија на 64 години, со тоа што жените може да изберат да одат и порано, на 62 години. Светска банка смета дека таа граница од 62 години треба постепено да се поместува.
Препорачано
На крајот од минатата година Светска банка објави извештај „Преглед на јавни финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и зајакнување на отпорноста“ и предложи повеќе мерки за справување со зголемениот буџетски дефицит и растечкиот долг. Светска банка алармираше дека пензискиот систем е под закана поради стареењето на населението и зголемувањето на бројот на пензионери.
„За справување со овие предизвици се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите (т.н. Швајцарски модел) и враќање на претходното индексирање во согласност со индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот. Комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики би можел да донесе поизбалансирани исходи и да го спречи понатамошното зголемување на пензиските расходи и дефицити, пишува во Извештајот на СБ.
Работната група се состанала повеќепати. Во неа не учествуваат задолжителните доброволни пензиски фондови, но на последната онлајн средба биле повикани како учесници на презентација од Светска банка.
– Во мај годинава е формирана работна група за спроведување реформи во пензискиот систем, која е сочинета од 15 члена, тоа се обично по тројца претставници од институциите што се вклучени во пензискиот систем бидејќи пензискиот систем по дефиниција е збир на норми и збир на институции преку кои се реализира пензиското осигурување. Ова прашање не е од сега, ова прашање е од пред 12 години и кај нас е подигната свеста дека треба реформи во пензискиот систем, во други земји тоа е од поодамна и сега служат како пример кај нас, како што е Хрватска која има малку поразвиен пензиски систем – рече Снежана Станковиќ од Сава пензиско друштво која гостување во поткастот „Каде се парите?“.
Големата пензиска реформа со која се формира тристолбниот пензиски систем се случи во 2006 година, со цел да се подобри одржливоста и да се обезбеди поголема финансиска сигурност за идните пензионери. Но, кога се конципирал двостолбниот пензиски систем, стапката на пензиски принос била 21,2 проценти, а сегашната стапка на пензиски придонес е 18,8 проценти. Во меѓувреме и демографските трендови се значајно влошени.
– Стареењето на населението е еден од факторите што влијаат врз долгорочна финансиска одржливост на пензискиот систем, така што ги зголемува трошоците на пензискиот фонд. Од поставувањето на тростолбниот систем се случуваат забрзани промени во економијата и општеството, што доколку не се третираат соодветно може значително да ја нарушат стабилноста на овој систем. Голем проблем е високата стапка на имиграција со која се намалува идната расположлива работна сила што предизвикува очекуван помал прилив на придонеси во пензискиот фонд, и ова мора да се земе предвид што поскоро. Следно е непроменливото високо ниво на сиватa економија, што исто така влијае негативно врз приходите на пензискиот фонд. И ниската продуктивност која директно е поврзана со висината на платата директно ги тангира приходите на фондот – изјави за „Слободен печат“ професорката Јадранка Мршиќ, која активно учествувала во реформата од пред 20 години.
Некои економисти го поставуваат прашањето: Дали воопшто треба да продолжи постоењето на задолжителните приватни пензиски фондови? Поранешниот министер за финансии Крил Миноски во анализата за предизвиците во пензискиот систем напиша: „Потребна е сериозна анализа и ревизија на тростолбниот модел. Главни прашања што треба да се адресираат се: Како да се зголеми приносот од приватните пензиски фондови?; Дали е одржлива тековната структура на пензискиот систем?; Дали е потребно да се разгледа можноста за реформа или дури и напуштање на тростолбниот систем?“.
Тој даде примери и за тоа што се случувало во други земји што како и ние вовеле тростолбен систем. Полска го вовела уште во 1999 година, но поради финансиски притисоци и зголемени буџетски дефицити, во 2014 година владата одлучи да ги национализира средствата од вториот столб, префрлајќи ги во државниот пензиски фонд. Хрватска го воведе тростолбниот пензиски систем во раните 2000-ти години. Во 2014 година, соодносот меѓу вработените и пензионерите паднал на 0,88:1. Иако официјално не е напуштен тростолбниот модел, се преземаат мерки за негово приспособување и подобрување. Бугарија направи измени во системот, вклучувајќи префрлање на дел од средствата од приватните фондови во државниот пензиски систем.


