Се чистат остатоци од Топилница: Згурата од велешки Црн Рид почна да се дисплоцира

Операторот „Кепс Монт Груп”, што стопанисува со ридот со олово-цинковата троска, од 17 ноември почна со активности за ископ, сеење, товарење и транспорт на техногената минерална суровина од локацијата „Баш колиби”, позната како депонија за оловно-цинковна јаловина на поранешната велешка Топилница за олово и цинк „Злетово”, информира на денешната прес-конференција градоначалникот на Велес Аце Коцевски.

Операторот на инсталацијата е должен активностите да ги изведува согласно условите и мерките пропишани во Б-интегрираната еколошка дозвола што ја издадовме на 2 октомври во 2019 година, информира Коцевски.

Појасни дека операторот, за почеток, треба да извезе 150.000 тони техногена минерална суровина  во Косово и исто толку во Србија.

Заради актуелната состојба со аерозагадувањето, меѓу општината и операторот е договорено активностите да бидат минимални и строго контролирани, а на ден да се товараат по четири камиони, појасни Коцевски.

Тој информира дека на локацијата е поставена сепарација и агрегат за обезбедување на електрична енергија, а во скоро време се очекува поврзување на инсталацијата на системот за снабдување со електрична енергија. Нагласи дека Општина Велес е во постојана комуникација со операторот и ја следи состојбата.

Пробен контејнер со згура првично беше изнесен од Црн рид на 15 јануари оваа година и оттогаш работите замреа. Беше договорено и најавувано дека згурата од велешка Топилница ќе се носи со специјални камиони со кади и покриени со церада до Солун, а оттаму преку брод за Малезија. Но, сето тоа запре затоа што Малезија од почетокот на годинава забрани увоз на ваков отпад, иако од „Кепс Монт Груп” уверуваа дека тоа за нив не важи и дека пречка се само некои административни процедури. Фирмата „Кепс Монт Груп” ДОО Скопје во октомври лани почна со подготвителни работи и расчистување на Црн рид од секаков вид на комунален и градежен и друг вид на отпад.

Од „Кепс Монт Груп” тогаш информираа дека со анализа на згурата во ЛЏ лабораторијата во Холандија преку Белградскиот институт и лабораторијата во Бор, а во зависност од шаржерот на рудата која се топела и колку таа вешто била стопена. На Црн рид, тежок 1,8 милион тони, има меѓу 6 и 9,8 проценти цинк, од 2,2 до 3,4 проценти олово и железо од 1,25 проценти, како и други метали минимални количества, на кадмиум и арсен, а свразни во тн „кристална решетка” со останатите тешки метали, поради што и немало опасност по околината, информира тогаш Ранко Шчекиќ, менаџер на техничкиот персонал на „Кепс Монт Груп”.

Црн рид е една од десетте еколошки жешки точки во земјава кои треба итно да се решат за да се заштити здравјето на граѓаните и да се заштити животната средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот