СДСМ ветува работно време од седум часа, Левица од шест!

Фото: МИА

Владејачката СДСМ и опозициската Левица ветуваат намалено работно време во своите предизборни програми за парламентарните избори, и тоа СДСМ планира да воведе седумчасовен работен ден, а Левица шестчасовен. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ветуваат флексибилност во работното време, но само за младите родители. Другите две парламентарни групи, владејачката ДУИ и нивната коалиција и коалицијата „Вреди“ на албанската опозиција – не знаеме што им ветуваат на работниците, затоа што нивните предизборни програми не се достапни онлајн за читање!

Во програмата на СДСМ е наведено дека од 1 јануари 2026 година ќе почнат со проект за анализа на ефектите од намалување на работното време од 8 на 7 часа дневно, односно од 40 на 35 часа неделно.

– Тоа ќе донесе многубројни придобивки за државата и за граѓаните, особено во контекст на сè поинтензивните процеси на дигитализацијата и автоматизација. На овој начин директно ќе ја подобриме рамнотежата меѓу работата и животот, дозволувајќи им на вработените повеќе часови за слободно време, семејство и лични определби, а со тоа поттикнувајќи ја целокупната благосостојба и задоволство во државата. Транзицијата кон пократко работно време ќе ги поттикне работодавците да инвестираат во технологии за дигитализација и автоматизација за да ги насочат процесите и да ја максимизираат ефикасноста. Позитивните ефекти од пократкото работно време ќе се изразат во делот на економскиот раст и иновациите преку поттикнување на попродуктивна и помотивирана работна сила, како и потхранувајќи ја креативноста и претприемаштвото во дигиталната ера – пишува во програмата на СДСМ.

Со скратувањето на работното време, се додава во програмата, СДСМ ќе воведе прогресивен пристап кон управувањето со трудот што ќе дава приоритет на благосостојбата и просперитетот на работниците и на општеството како целина.

Левица, пак, посветува поголемо внимание на работничките права во својата програма и, меѓу другото, ветува редефинирање на листата на дејности и ризични професии со бенефициран стаж, во кои ќе ги вметне тешките и трудовоинтензивни дејности, како и бенефиции за работниците над 55-годишна возраст и за младите работници кои првпат засноваат редовен работен однос.

– Воведување на шестчасовен работен ден, т.е. 30-часовна работна недела, наместо 40-часовна, намалување на полното работно време од 8 на 6 часа дневно, без негативни импликации врз висината на примањата кои ги примаат работниците, а со цел зголемување на продуктивноста и личниот развој, како и намалување на невработеноста – е дел од ветувањата на Левица за работниците.

Оваа партија ветува навремена исплата на плата во првата седмица од наредниот месец, односно од први до седми во тековниот месец, задолжително исплаќање двојна дневница при работа за викенди или за празници, намалување на максималното траење за кое може да се склучи договорот за работа на определено време од пет години на шест месеци, како и ограничување на пробната работа на најмногу еден месец.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ најавува зголемување на флексибилноста на пазарот на труд со што, како што се наведува, ќе се унапредат конкурентноста и ефикасноста на претпријатијата, ќе се зголеми сатисфакцијата на вработените на работното место и ќе се придонесе кон повисок економски раст.

– Со измени во Законот за работни односи ќе обезбедиме поголема флексибилност на работното време кај новите родители во првите години од родителството (работа од дома, флексибилност во користење на работни саати во текот на неделата согласно со уредувањето на работењето на работодавачот), како и поголема флексибилност на работното време кај оние вработени што се стремат кон доедукација и доусовршување. Ќе овозможиме пробен период за нововработените каде што работодавците би имале флексибилност да оценат во првиот месец од работата дали нововработените се способни да ги извршуваат работните задачи. Во овој период ќе се даде можност нововработените да работат преку привремена пријава, а по истекот на пробниот период работодавецот ќе биде должен да пристапи кон обезбедување на сите дозволи и сертификати – се наведува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во минатите изборни циклуси, партијата ДУИ ветуваше дека петок ќе биде неработен ден, но не се случи реализација на ова ветување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот