СДСМ: Мицкоски има пари да рента авион до Будимпешта, а нема за минимална плата од 500 евра
Социјалдемократите изнесоа обвинувања кон Владата на Христијан Мицкоски за посетата на Унгарија. Според нив, Мицкоски „ја прокоцкал и последна шанса да покаже минимална почит кон граѓаните и трудот на работниците кои живеат многу тешко и едвај врзуваат крај со крај“.
Препорачано
„Денеска и дефинитивно Мицкоски потврди дека е против зголемување на минималната платаза работниците и дека власта на ДПМНЕ нема да преземе ништо за да се покачат платите. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека илјадници работници живеат во сиромаштија, владата на ДПМНЕ има пари за авиони и привилегии за функционерите, но не и за зголемување на минималната плата.Денеска, Мицкоски дефинитивно потврди дека е против раст на платите и против достоинствен живот на работниците. Со тоа, уште еднаш покажа дека ДПМНЕ нема никаква намера да ги поддржи работниците, туку исклучиво да се грижи за елитата“, велат од СДСМ.
Оттаму прашуваат „Како тоа има пари за авиони за владата, а нема пари за 500 евра минимална плата, но и како е можно од најголемиот буџет во историјата од 6 милијарди евра да нема пари за поголеми плати на работниците?
„Додека економската состојба во државата драстично се влошува и животниот стандард паѓа, Мицкоски останува рамнодушен и мува не го лази. Растот на минималната плата не е само економска неопходност, туку морална обврска! Покачувањето на платите е единствениот начин да се спречи понатамошното осиромашување на граѓаните и да се овозможи економски напредок“, пишува во соопштението.
Од партијата посочуваат дека „СДСМ стои на страна на граѓаните и на работниците“ и дека затоа ќе поднесе закон за зголемување на платите и минималната плата на 500 евра.
„Работниците заслужуваат достоинствена плата и сигурна иднина“, велат од СДСМ.


