СДСМ: Единствена цел ни е да продолжиме да му служиме на својот народ
Владејачката СДСМ соопшти дека во интерес на граѓаните и актуелната политичка состојба во земјата, во тек се секојдневни консултации и работни состаноци заедно со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство на СДСМ.
Препорачано
„На денешниот состанок на раководство на СДСМ претседателот Зоран Заев информираше за консултациите и разговорите со коалициските партнери“ соопштија од партијата.
Од партијата тврдат дека претставниците на сите партии од парламентарното мнозинство го потврдиле мнозинството во Собранието како стабилно.
„На Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните посебно во време на пандемијата и енергетска криза со јасен евроатлантски курс на дејствување“ се наведува во соопштението.
На денешниот состанок на раководството биле утврдени следните чекори на партијата кои од наредната недела ќе бидат ефектуирани, за што јавноста, граѓаните, ќе бидат информирани.
„Заедно со претседателот Зоран Заев, раководството работи на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко можно ниво и секако да биде водечка партија во парламентарното мнозинство кое го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата“ додаваат од партијата.


