Говеда / Фото: William Edge / Alamy / Alamy / Profimedia

Сараевската општина Вогошќа прогласи состојба на природна катастрофа поради појава на бруцелоза

Општина Вогошќа, една од општините во Сараевскиот кантон, прогласи состојба на природна катастрофа на 3 јуни за подрачјето на две локални заедници – Семизовац и Доња Вогошќа, поради влошувањето на епидемиолошката состојба и појавата на заразната болест бруцелоза.

Првиот случај на заразено лице во Сараевскиот кантон е регистриран претходниот ден, а станува збор за лице на чија фарма властите ја регистрирале болеста кај 13 говеда на почетокот на мај. Откако беше откриена болеста, говедата беа ставени во карантин на истата фарма, но не беа еутанизирани, а луѓето дојдоа во контакт со нив.

Заразените крави не се преместени од фармата повеќе од 20 дена, бидејќи јамите за заразен животински отпад на градската депонија се полни или немаат дозвола за нивна употреба.

Штабот за цивилна заштита на општина Вогошќа, со цел да се реши прашањето за еутанизација и отстранување на заразените животни, му предложи на градоначалникот на општината, Мигдад Хасановиќ, да прогласи состојба на природна катастрофа.

Во одлуката е наведено и дека треба да се побара помош од Цивилната заштита на Сараевскиот кантон и Федерацијата Босна и Херцеговина.

Градоначалникот Хасановиќ, во изјава за медиумите, нагласи дека ситуацијата е „крајно алармантна“.

Во текот на денот се одржа состанок на Штабот за цивилна заштита на општина Вогошќа, на кој беа поканети надлежните институции.

„Не се постигнати конкретни решенија, ниту пак некој надлежен ја презел одговорноста итно да го реши проблемот со отстранувањето на животинскиот отпад“, рекоа од општина Вогошќа.

Кон крајот на мај, во Сараево беше прогласена епидемија на бруцелоза, а епидемиолозите објавија дека во последните години во главниот град на Босна и Херцеговина недостасувала редовна дератизација.

Се истражува дали имало некакви пропусти и загрозување на здравјето на луѓето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот