Сарацин за МИА: Немате време за губење, ако ги отворите кластерите сега, по уставните измени вашиот пат кон ЕУ е неповратен

Мануел Сарацин / Фото Credit line: MICHAEL KAPPELER / AFP / Profimedia

Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина. Доколку сега ги отворите кластерите после уставните измени, патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Знаеме дека е тешко, но направете го овој чекор заедно со нас, можете да сметате дека Германија ќе биде заедно со вас на овој пат, нагласува во видео-интервју за МИА специјалниот пратеник на Германија за Западниот Балкан, Мануел Сарацин.

– Последниот пат кога бев во Скопје се обидов да објаснам дека Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи не знаеме што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина. Сега има момент каде Европската унија ви вели „дојдете чекор поблиску“. Доколку сега ги отворите кластерите после уставните промени, мислам дека патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Вие направивте многу важен чекор, и сите знаат дека вашата земја ќе пристапи, не знаеме колку брзо, но никој веќе не може да ја сврти земјата назад. Гледаме што се случува во вашето соседство и колку е тоа опасно, каде насилни протести повторно се случуваат на улиците после долги години и што ова значи за чувствата на граѓаните од овој регион. Ова кажува: пристапете што е можно побргу, бидете колку што може поблиску до Европската унија, направете го овој пат неповратен сега, за да бидете посигурни при евентуални следни случувања, а не знаеме што да очекуваме во следните недели и месеци, вели германскиот дипломат прашан за тоа колку е сериозна ситуацијата во Косово и можно ли е дестабилизирање на регионот.

Тој додава дека позитивен исход од гласањето на уставните измени би било од огромна важност за земјава, но и за регионот, со оглед на актуелните проблеми на Западниот Балкан.

– Следните месеци ќе бидат клучни за регионот, а позитивен исход од гласањето за уставни измени во Северна Македонија би бил од огромна важност за самодовербата на луѓето дека регионот ќе се движи кон Европската унија. Тоа би било позитивно светло во регионот со оглед на проблемите директно во вашето соседство. Затоа ние се обидуваме да бидеме, можеби од една страна најдобрите пријатели на Северна Македонија, бидејќи понекогаш сме и критички настроени, туку вистински пријатели на Северна Македонија и како вистински пријатели ве повикуваме на следното: знаеме дека е тешко, но направете го овој чекор заедно со нас, можете да сметате дека Германија ќе биде заедно со вас на овој пат, порачува Сарацин во интервјуто за МИА.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот