Олгица Антовска, ликовен уметник

Самостојната изложба со наслов „А“ на Олгица Антовска ќе биде отворена во Чифте амам

Во големата сала на галерискиот простор во објектот Чифте амам при Националната галерија, на 17 март, во 19 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „А“ на уметницата Олгица Антовска.

Поставката е конципирана како долг полиптих од триесет платна, поставени на бела позадина и продолжени во нишите на просторот. Делата, инспирирани од водата и светлината, уметницата ги претвора во симбол на живот и духовност. На платната, обликувани во кружни и елипсоидни форми, боите треперат во суптилни тонови, создавајќи тивка, но моќна атмосфера што го повикува гледачот на дијалог со природата и сопствената внатрешност.

Антовска не слика традиционални пејзажи, туку создава дела што потсетуваат на маглина, облаци, вода или светлосни сфери. Наместо сложени форми, користи едноставни линии, а секоја композиција е изградена околу светлосен центар кој ја формира динамиката на сликата. Меѓу делата се „Капка живот“, „Бран“, „Дождовен џез“, „Стаклени мисли“, „Замрзната тишина“, „Кристална светлина“, како и серијата „Вода – плазма“, во кои водата се појавува како форма што се менува, исчезнува и повторно се создава.

Изложбата ги повикува посетителите да ја почувствуваат енергијата на водата и светлината и да излезат инспирирани. Творештвото на Антовска поврзува природа и човек, видливо и невидливо, со препознатлив лирски апстрактен израз.

Со повеќе од 30 години активно творештво, изложби во Македонија, Србија, Германија, Полска и САД, како и со учества на меѓународни биеналиња, Олгица Антовска се афирмира како една од најзначајните македонски современи уметници со меѓународно признание. Нејзиното творештво гради имиџ на инспиративна и влијателна личност во светот на современото сликарство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот