Самостојна изложба: „Натура“ на Тамара Забазноска во МКЦ

Концептуалната уметница Тамара Забазноска на 23 јуни ќе се претстави со самостојната изложба „Натура“, која ќе биде отворена во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. При посетата на галеријата ќе се применуваат мерките за заштита од коронавирусот, а изложбата ќе биде поставена до 5 јули.

Основните елементи вградени во делата на Тамара Забазноска се клинци, медијапан, чекан, голема доза апсорбирани знаења и многу фантазија. Нејзиниот уметнички израз е прецизен и геометриски, претставен преку заедништво на елементите што сугерираат дека секоја идна точка/акција е резултат на сите претходни точки и акции.

– Поттикната од тајните што ги содржи природата во корелација со новите научни истражувања, опусот на изложбата е базиран врз науката и знаењата, насловен „Натура“ – љубовта кон природата во сите нејзини манифестации, од најмалиот организам до црвениот гигант, кој лебди во Универзумот, и Човекот и неговиот сензибилитет.

Со „Натура“ доаѓа љубопитноста, поривот да се истражат и откријат местата каде човекот се среќава преку природата со себе. И додека ги користиме сетилата за да изразиме делови од нас кои се скриени, така може да користиме и различни елементи за да го направиме видлив оној дел од природниот невидлив свет. Преку опусот правам синтеза помеѓу универзалното и микроскопското, силите кои ги брануваат длабочините на човечкото битие и Природата, која крие тајни и нуди одговори. Можеме да ги примениме нејзините тајни и да ги прочитаме одговорите преку нови откритија како основа за нашата иднина – открива Забазноска.

Авторката Тамара Забазноска (1987, Скопје) е интердисциплинарен уметник и архитект. Првите знаења ги стекнува преку енциклопедиите и бајките, за понатаму да го насочи својот интерес кон математиката, геометријата и релациите во просторот преку Архитектонскиот факултет, кој го завршува 2011 година.

Потребата за истражување, желбата за изразување на природните сили, новите научни знаења и учења се постојан поттик за репрезентација на шемите во микро и макро светот на природата и човекот, кои ги опфаќа преку магистерскиот труд на тема „Архитектурата во природата и Природата во архитектурата“ во 2018 година, како и низ делата на композитно дрво создадени од клинци, конец и стакла.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот