Само партискиот „морал“ може да го спаси Џафери

Талат Џафери
Талат Џафери / Фото: МИА

Разрешницата на случајот ќе зависи од ставот на пратениците од владејачките СДСМ и ДУИ – тие се мнозинство во Комисијата, па Џафери може да биде казнет само ако тие оценат дека го прекршил Етичкиот кодекс.

Дали претседателот на Собранието Талат Џафери ќе биде казнет за вулгарните, навредливи зборови што им ги упати на собраниските службеници ќе се знае идната недела за кога претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања Панче Минов, најави дека ќе ја свика седницата. Од Џафери нема потврда дали ќе се соочи со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и од ГРОМ кои биле присутни во пленарната сала за време на инцидентот или ќе се изјасни писмено.

Разрешницата на случајот ќе зависи од ставот на пратениците од владејачките СДСМ и ДУИ – тие се мнозинство во Комисијата, па Џафери може да биде казнет само ако тие оценат дека го прекршил Етичкиот кодекс.

– Комисијата нема да утврдува дали снимката е автентична бидејќи според членот 123 од Деловникот, работните тела не може да имаат истражни или други судски функции. Комисијата ќе расправа по доказите приложени од ВМРО-ДПМНЕ дека е прекршен Етичкиот кодекс и ќе бидат повикани сведоците кои опозициската партија наведе дека присуствувале во пленарната сала за време на инцидентот – вели Минов за „Слободен печат“.

По преслушувањето на снимката и по сведочењата на пратениците, Комисијата со гласање ќе утврди дали Џафери го прекршил Кодексот. За разлика од анкетните комисии, кои во Собранието беа формирани по тепачки и други инциденти меѓу пратеници и чии извештаи одеа на усвојување на пленарна седница, епилогот за Џафери ќе се знае по гласањето на членовите на Комисијата, бидејќи не е предвидено да има извештај кој би одел на пленарка.

Минов го информирал Џафери дека има пријава против него за прекршување на Етичкиот кодекс и дека ќе закаже седница за да ја испочитува собраниската процедура.

ВМРО-ДПМНЕ неделава поднесе до Комисијата пријава со копија од снимката од собранискиот канал со наводи дека Џафери извршил тешка повреда на Етичкиот кодекс. Опозицијата информира дека ќе сведочат пратениците Александар Николовски, Гордана Силјановска Давкова и Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Пренџов од ГРОМ, кои биле присутни во пленарната сала.

Суспензија на Џафери побара и Левица.

– Најмалку што очекуваме е дека Комисијата ќе изрече јавна опомена и суспензија на пратеникот Талат Џафери, како и забрана да претседава со Собранието во траење од еден месец. Од приложената снимка се гледа дека Џафери им врши притисок на вработените за време на извршувањето на нивните работни задачи со зборови и изрази со кои ги омаловажува и го навредува нивното достоинство – велат од Левица.

Помина една недела од настанот, а снимката не ја коментираа ни во СДСМ ни во ДУИ. Премиерот Димитар Ковачевски вели на неа не се гледа кој со кого зборува, но посочи дека постапката за расчистување на случајот треба да води Собранието.

Ако Комисијата утврди дека Џафери го прекршил Кодексот, тој може да биде казнет по три основи – со јавна објава, суспензија во траење од еден месец и забрана да претседава со работните тела на Собранието во траење до еден месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот