Николовски, Силјановска и Лозановска ќе сведочат за вулгарностите на Џафери кон службениците

Фото: Архива

Александар Николовски, Гордана, Силјановска Давкова и Олга Лозановска биле присутни во пленарната сала додека претседателот на Собранието Талат Џафери со пцости и вулгарности им викал на тројца собраниски службеници и тие ќе сведочат за инцидентот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, која се очекува да ја свика претседателот на Комисијата Панчо Минов откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска достави пријава против првиот парламентарец и барање Комисијата да заседава.

Пратеникот Антонијо Милошоски на прес конференција во Собранието до Комисијата достави пријава за повреда на етичкиот Кодекс на пратениците од страна на претседателот Џафери.

Барањето претседателот на Комисијата Минов да свика седница е со единствена точка на дневен ред, постапка за утврдување на нтешка повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието, од страна на пратеникот Талат Џафери на 11.05.2022 година и изрекување на мерка согласно Правилата за водење на постапката.

За седницата, како што пропишува Кодексот, ВМРО-ДПМНЕ доставила електронски материјал УСБ на кој, како што се вели во дописот, е содржан видеозаписот од МРТВ, кој се емитувал во живо и каде „Џафери на крајно вулгарен и понижувачки начин им врши мобинг и притисок на вработени во Службата на Собранието, на висок тон и со безобразни пцости, кои заради нивото на комуникација во Парламентот не би сакале да ги цитираме“:

– Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и тие снимки и затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на коишто ќе може да работи оваа Комисија. Тоа што сакам да го истакнам е дека најмалку четири пратеници од нашата пратеничка група, биле сведоци на овој немил настан, биле внатре во самата просторија каде што на еден вулгарен и недоличен начин, претседателот Џафери ги понижувал и им вршел притисок на вработени во службата во Собранието и истите тие пратеници ќе бидат расположени да посведочат кога ќе закаже господинот Минов ваква Комисија за оваа тешка повреда на етичкиот кодекс – рече Милошоски.

Тој потсети дека Џафери лично на 11 јуни 2018 година го потпишал етичкиот Кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што во член 14 е предвидено како тешка повреда на Кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието.

Ако ова важи за сите пратеници, треба да важи и за првиот меѓу еднаквите, затоа што етичкиот Кодекс не би имал смисла ако не важи за пратениците од владејачкото мнозинство. Апелирам, особено до пратеничките од понежниот пол, од владејачката коалиција да се придружат на оваа иницијатива, да се расправа на седницата за прекршување на етичкиот Кодекс и да се донесе одредена санкција затоа што навредите, омаловажувањата и вулгатностите беа родово базирани на стереотипите на кој што очигледно се уште во својот софтвер ги има Талат Џафери иако е претседател на Собранието – вели Милошоски.

Тој изрази надеж дека Минов нема да одолговлекува и дека ќе ја закаже седница во најкус можен рок за да може со аргументи да се донесат санкција за Џафери. Милошоски се надева дека Џафери ќе биде казнет по три основи кои ги предвидува Кодексот и тоа со јавна објава, одлука и за суспензија на пратеник во траење од еден месец и забрана да претседава со работните тела на Собранието во траење до еден месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот