Судир на возови во Шпанија Фото: Принтскрин

Саботажа не е причината за судирот на возови во Шпанија

Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, ја отфрли саботажата како причина за несреќата на брзиот воз во јужна Шпанија, во која загинаа најмалку 41 лице во неделата навечер, пишуваат шпанските медиуми.

„Можноста за саботажа никогаш не била разгледувана, но во секое време и под сите околности фокусот бил на техничките проблеми поврзани со железничкиот сообраќај“, изјави Гранде-Марласка на прес-конференција по владиниот состанок во Мадрид.

Денеска во Шпанија започнаа тридневна жалост, а работниците на шпанските железници одржаа минута молчење во чест на жртвите. 39 повредени патници се уште се во болница, од кои 13 се на интензивна нега.

Возот Малага-Мадрид се движел со брзина од 205 километри на час кога неговите последни три вагони се лизнале од пругата и се нашле на соседната пруга. Во тој момент, друг воз од Мадрид дошол од спротивната насока, движејќи се со брзина од 210 километри на час.

Судирот во близина на Адамуз се случил на рамна површина, а двата воза се движеле под максималната дозволена брзина од 250 километри на час.

„Ќе биде потребно да се анализираат шините во лабораторијата од местото каде што започнало излетувањето на вагонот од шините“, рече Гранде-Марласка. „Долниот дел од тој воз исто така треба да се провери“, додаде тој.

Кралот Фелипе VI и кралицата Летиција, кои беа во Атина еден ден претходно, пристигнале на местото на несреќата за да ја изразат својата поддршка на семејствата на жртвите и преживеаните.

„Дојдовме од прва рака да видиме што е направено и што допрва треба да се случи“, им рече кралот на новинарите, додавајќи дека разговарале со службите за итни случаи.

Тие ја посетија областа каде што сè уште се наоѓаат остатоците од двата воза и каде што продолжува потрагата по евентуални дополнителни тела.

Регионалната влада на Андалузија објави дека утрово во остатоците од еден од возовите е пронајдено уште едно тело, со што бројот на жртви се искачи на 41.

Министерот за транспорт Оскар Пуенте посочи дека конечниот број на загинати може да одговара на бројот на пријавени исчезнати лица – 43.

Тој рече дека станува збор за „сложена и невообичаена несреќа“, додавајќи дека истрагата е сè уште во почетна фаза, во изјава за националното радио РНЕ.

Објавените фотографии покажуваат дел од пругата на кој недостасува мал страничен елемент, а Пуенте рече дека техничарите сè уште не утврдиле дали таа штета е причина или последица од несреќата.

Судирот се случил околу 20 секунди откако вагоните на првиот воз преминале на спротивната пруга, поради што заштитниот автоматски систем, кој би ги запрел возовите во такви ситуации, немал време да се активира.

 

Откриена е причината за чудната железничка несреќа во Шпанија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот