Руската помош за Италија не е квалитетна?

Голем дел од медиумите но и од европските аналитичари, руската помош за Италија ја протолкуваа како придвижување на Италија кон геополитиката на Москва и на Пекинг

Руската медицинска помош која со 15 воени авиони  беше упатена во Италија за борбата со коронавирусот би можела да ги наруши италијанско- руските односи.

Во италијанските медиуми се појавија сомнежи околу квалитетот и количината на помошта. Дополнителни тензии предизвикаа написите околу наводната загриженост на италијанската разузнавачка служба и сомневањата зошто помошта била испорачана од руски војници а не од цивилниот сектор на руското министерство за вонредни ситуации.

По овие написи, во јавноста тргнаа одговори, објаснувања и шпекулации, но највпечатлива беше реакцијата на портпаролот на руското министерство за одбрана кој ги нарече италијанските новинари неблагодарни за упатената руска помош. Самите медиуми во Италија оваа реакција на портпаролот на руското министерство за одбрана го протолкуваа како закана и застрашување.

Во обид да ги намалат тензиите, италијанскиот министер за надворешни работи Луиѓи ди Мајо и министерот за одбрана Лоренцо Герини излегоа со заедничка изјава во која јавно и се заблагодаруваат на Русија за помошта, но во исто време го осудуваат, како што го нарекоа, заканувачкиот тон на портпаролот на руското министерство за одбрана кон некои италијански новинари.

-Во овие тешки моменти на глобалната вонредна состојба, голема улога има слободата на медиумите и нивните анализи во слободните средства за информирање, кои се клучни во борбата против пандемијата, се вели во изјавата на двајцата италијански министри.

Во оваа полемика се вклучија и претставниците на италијанскиот парламент кои побараа итно повикување на рускиот амбасадор и доставување на протесна нота.

– Треба да се повика рускиот амбасадор  во Рим и да му се објасни дека во Италија, ниту генерали ниту пак генерали на странски армии можат на заканувачки и навредувачки начин да им се обраќаат на новинарите. Во Италија заплашување на новинари и напади врз слободата на известување и слободните медиуми не е дозволено. Во Италија доколку сакате, секогаш можете да реагирате преку одговор или демант, изјави Потпретседателката на долниот дом на италијанскиот парламент Мара Карфанија..

Голем дел од медиумите но и од европските аналитичари, руската помош за Италија ја протолкуваа како придвижување на Италија кон геополитиката на Москва и на Пекинг.

Особено кога Италија лута зошто Европа не и помага а Кина веднаш и упати помош, ги нарече Кинезите браќа.. Во меѓувреме, Италија доби помош и од Франција а Германија прими на лечење голем број од италијанските пациенти, па расположението во Италија повторно се смени во корист на западните сојузници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот