Русија испраќа нов „појас за спасување“ за космонаутите од орбитата

Снегулки од продупчениот резервоар на „сојуз“ - Фотографија Profimedia

Инженерите во Роскосмос и во НАСА прават планови како да ги извлечат космонаутите од орбиталната Меѓународна вселенска станица откако од леталото со кое пристигнаа до МВС почна да протекува разладна течност.

„Сојуз МС-22“ е вообичаеното руско вселенско летало што носи космонаути и товар до Меѓународната вселенска станица и потоа ги враќа назад. „Сојузот“ што сега е прикотвен за МВС пред еднна недела почнал да исфрла „снегулки“, за кои се смета дека се замрзнати капки од течноста во системите за разладување. Сергеј Крикалјов, шеф на програмите на Роскосмос за вселенски летови со екипаж изјави дека „се проценува штетата“. Причината за оштетувањето не е позната откако експерти од НАСА и од Роскосмос ги отфрлија теориите дека „МС-22“ било изрешетано од метеорскиот рој геминиди.

– Ако термичката анализа покаже дека температурата во кабината ќе биде неиздржлива за космонаутите, ќе мора од космодромот „Бајконур“ да испратиме друга капсула „сојуз“ до МВС, за да може да ги врати космонаутите – изјави Крикалјов.

Новата капсула би требало да биде лансирана во февруари, за да може да ги врати космонаутите во март. Оштетената капсула, која сега е прикотвена за МВС, ќе се врати до Земјата без екипаж.

Замената на леталата може да биде потенцијален ризик за седумтемина астронаути и космонаути што орбитираат во Меѓународната вселенска станица. Кога ќе се одвои дефектниот „сојуз“ седумтемина ќе имаат на располагање само едно резервно летало, кое има улога на „појас за спасување“ при евентуална хаварија, но има простор за само четири лица. Ако се случи хаварија во деновите од откачувањето на дефектниот „сојуз“ до пристигнувањето на новиот, седумтемина ќе мора да решат кои четворица ќе избегаат со резервното летало, а кои тројца ќе останат соочени со опасноста.

Со леталото што сега е оштетено во септември на МВС пристигнаа космонаутите Дмитриј Петелин и Сергеј Прокопјев и астронаутот Френк Рубио, а во октомври со леталото „кру драгон“ на „Спејс икс“ им се придружија Џоп Касада и Никол Ман од САД, Коичи Ваката од Јапонија и Ана Кикина од Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот