Рохани го обвини Трамп за создавање јаз меѓу власта и луѓето во Иран, Зариф за „тероризам против културата“

Фото: EPA-EFE/STR

Тој повторно ја критикуваше политиката на Трамп и додаде дека Иранците не треба да им дозволат на „терористите” во Белата куќа да „го изолираат Иран“.

Иранците не треба да дозволат политиката на претседателот на САД Доналд Трамп за „максимален притисок“ врз Техеран да го нарушава единството на нацијата пред парламентарните избори, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани.

– Не треба да дозволуваме Доналд Трамп да создава јаз меѓу власта и луѓето. Треба да останеме обединети, рече тој.

– Не им вртете грб на изборите (на 21 февруари). Да имаме висока избирачка активност, додаде Рохани во говор емитуван на државната телевизија на Иран.

Тој повторно ја критикуваше политиката на Трамп и додаде дека Иранците не треба да им дозволат на „терористите” во Белата куќа да „го изолираат Иран“.

Дополнително, иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф изјави денеска дека заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за напад врз различни цели во Иран, од кои многу се наоѓаат на списокот на светско наследство на УНЕСКО, претставуваат тероризам против културата.

– Американскиот претседател се заканува дека ќе уништи културни објекти во Иран, што претставува тероризам кон меѓународната култура. Тоа е продолжение на политиката на Вашингтон за кршење на меѓународното право со цел да се скрши отпорот на иранскиот народ – рече Зариф.

Тој рече дека САД користат „економски тероризам“ за да ја намалат достапноста на храна и лекови за иранскиот народ.

– Од друга страна, тие ја тероризираат земјата, убивајќи еден од најомилените луѓе во земјата и регионот – Касем Сулејмани, оцени Зариф.

Изјавите на Зариф се реакција на претходните најави на Трамп дека американските сили можат да гаѓаат 52 цели во Иран, од кои многу се од големо значење за Иран и иранската култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот