Родителот што го пријави извидничкиот секс камп: Секој нека сече со своја глава каде ги праќа своите деца!
Откако Јавното обвинителство реши да не поведе постапка против организаторот на извидничкиот камп „Секс скаутс и рок енд рол“, иако тројца родители пријавија во полиција дека нивните деца учествувајќи на овој камп биле изложени на несоодветни, експлицитни активности, кои вклучувале боење на половите органи и нивно пресликување на хамер, под плаштот на сексуалната едукација, со реакција во „Слободен печат“ се огласи родителот кој го пријави случајот.
Неговата ќерка која учествуваше во кампот заврши на психолошко советувалиште од траумите предизвикани од активностите, кои според родителот вклучувале глумење секс пози, кажување колку сексуални партнери имале децата и други активности кои тој ги образложи детално во неговата аудио изјава која ја објавивме пред половина година и може да ја преслушате тука.
Обвинителството реши дека нема основа за јавнообвинителско постапување, а за тоа му требаа шест месеци и покрај тоа што во предметот се вклучени деца.
– Од македонскиот правен систем не ни очекував нешто поинаку. Изреагираа токму онака како што очекував. Ако државата не најде ништо спорно во настан кој целото општество го осуди и го најде за несоодветен, тогаш е потребно сериозно преиспитување на нечии морално етички вредности. Тоа што беше кажано дека се случуваше на извидничкиот камп, навистина се случуваше. Сега барем јавноста и родителите знаат, па нека сечат со својата глава каде ги пуштаат своите деца. Јас како граѓанин и родител можев да направам само толку, да пријавам, а понатаму остана на правниот систем дали ќе биде праведен. Очигледно не е, вели за Слободен печат таткото на ученичката која заврши на психолошко советувалиште после одржаниот извиднички камп со несоодветно сексуално образование.