Родителите трошат пари на спортски активности за децата, но поврат на ДДВ нема: Дознајте кои сметки ЏАБЕ ГИ СКЕНИРАТЕ

фото: Слободен печат/ Арбнора Мемети

Од стартот на мерката „Мој ДДВ“ од почетокот на минатиот месец досега се скенирани девет милиони фискални сметки, а остварениот промет е околу 4,7 милијарди денари, информираа минатата недела од УЈП.

Сепак, до редакцијата на „Слободен печат“ пристигна реакција од родител кој вели дека при уплатата на часови за пливање на своето дете, добил фискална сметка на која пресметаниот данок на ДДВ изнесувал 0 денари.

– По летниот одмор почнавме повторно со часови за пливање. Двете деца тренираат на базенот „Борис Трајковски“ и за двете деца секој месец плаќам 3.500 денари. Вчера кога ја земав сметката, сакав да ја скенирам, но видов дека на неа пишува 0% ДДВ. Што значи ова? Дека данок нема да ми се враќа од трошоците кои месечно ги имам за децата? – прашува скопјанката Елена Николовска.

Друг граѓанин, љубител на спортското обложување, ни се пожали дека при уплатата на спортски тикет, нема данок на фискалните сметки издадени од спортските обложувалници.

– Секој ден уплаќам по два-три тикета, но на фискалните сметки може да се забележи дека нема никаков ДДВ. Замислете колку луѓе дневно уплатуваат во обложувалниците, а тој данок нема да им се врати. А од друга страна, пак, државата ни зема 15 % од добивка – вели Зоран Трајковски од Скопје.

Малите даночни обврзници кои во претходната година оствариле промет понизок од 1.000.000 денари, немаат обврска да бидат регистрирани за целите за ДДВ, а со тоа и да пресметуваат ДДВ. Меѓутоа имаат обврска да издаваат фискални сметки. Врз основа на наведеното, граѓаните не можат да го остварат правото на поврат на ДДВ од причина што ДДВ воопшто не бил платен, стои во објаснувањето на УЈП.

Поради тоа, во оваа категорија спаѓаат спортски клубови, трговски друштва кои вршат различни дејности и услуги (физерски салони, кројачки дуќани, образовни училишта и слично), казина, обложувалници, фискалните сметки од патарините и многу други.

Погледнете кои фикални сметки залудно ги скенирате, поради тоа што од нив нема да добиете поврат на ДДВ од 15 проценти колку што беше најавено во оваа мерка.

– прометот на станови и станбени згради, во оној дел во кој истите се користат за станбени цели, со исклучок на првиот промет кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата;
– изнајмување станбени објекти и станови, доколку истите се користат за станбени цели;
– промет на поштенски и таксени марки по нивната номинална вредност, коверти, поштенски картички, контролни маркици (бандероли);
– поштенски услуги на Македонската пошта;
– банкарски и финансиски промет;
– услуги на осигурување и реосигурување;
– игри на среќа и забавни игри;
– прометот од установите што вршат дејност од областа на културата со непрофитна цел за културните услуги и добра непосредно поврзани со тие услуги во согласност со прописите од областа на културата и прометот од ботанички градини, животински паркови, паркови, архиви и документациони центри;
– влезници за јавни настани кои се од национален интерес од областа на културата, а кои јавни настани како такви се утврдени и се финансираат преку годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за годината во која се одржува јавниот настан донесена од Министерството за култура;
– услуги на радио-дифузни и телевизиски станици, освен нивните комерцијални дејности;
– здравствени услуги на болници, клиники, здраствени домови, медицински и хемиски лаборатории за дијагностика, центри за рехабилитација и други слични установи;
– услуги и промет на добра од страна на установи за социјална грижа и заштита, како и услуги на домови за хоспитализирање, нега и лечење на стари лица;
– услуги во рамките на згрижување и надзор на деца и младинци, како и со нив тесно поврзан промет на добра;
– услуги во рамките на сместувањето на деца и младинци, и со нив тесно поврзан промет на добра услуги на доктори, стоматолози, забни техничари и други медицински професии, како и испорака на забни протези од страна на стоматолози и забни техничари;
– превоз на болни и повредени лица со специјални возила;
– промет на човечка крв, мајчино млеко, човечки органи, клетки и ткива;
– образовни услуги;
– услугите на погребални институции и крематориуми и прометот на добра поврзан со вакви услуги;
– меѓународен превоз на патници;
– употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (патарина); и
– промет на добра и користење на истите за кои било исклучено правото на одбивка на претходните даноци при нивната набавка, нивното производство или нивниот увоз.

За потсетување, не треба да се скенираат фискалните сметки за кои е издадена сметкопотврда, фактура или друг документ издаден кон правно лице, трговец поединец, физичко лице кое врши самостојна дејност и физичко лице регистрирано за цели на ДДВ, фискални сметки кои се издадени заедно со сметките кои се издаваат од лицата кои извршуваат континуиран промет и за кои се предвидени последователни плаќања (испорака на струја, вода, телефонски услуги, греење или ладење и друго).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот