Родителите не дозволуваат на нивните деца да им се земе брис!?

Скопје, 01 септември 2021 / Слободен Печат. / Ристе Пејовски

Многу родители не сакаат да потпишат согласност за да се изврши скрининг тест на нивните деца, кој е предвиден да се спроведува во основните и во средните училишта, за да се види дали постои локална трансмисија на ковид-19 во училиштата. Родителите велат дека не сакаат да ги изложат своите децата на никакви испитувања, освен ако нема сериозна потреба за тоа.

– Ќе се согласам моето дете да биде тестирано само ако има симптоми. Но, во никој случај не би се согласила да го тестираат мојот син само поради статистика. Јас самата имав лошо искуство со тестирањето, по цел ден ми течеше крв од носот како последица на повреда или нестручно земен брис. Затоа, син ми ќе го тестирам само ако морам – вели мајка на првоодделенец запишан во училиштето „Кирил Пејчиновиќ“.

Мајка на ученичка во трето одделение во ОУ„ Мирче Ацев“ од Ѓорче Петров вели дека самиот процес на земање брис е болен и непријатен.

– Јас лично неколкупати се тестирав, при што еднаш дури имав повреда на носните капилари. Не би сакала на тоа да ја изложувам и мојата ќерка, освен ако е неопходно. Од друга страна, тимот кој ќе работи на спроведување на тестирањето секојдневно е во контакт со позитивни на ковид-19, така што е опасно да биде во близина и на децата – вели мајката.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера апелираше до родителите да одговорат позитивно на писменото барање од МОН нивните деца да учествуваат во скринингот на учениците низ училиштата во земјава.

– Ќе биде испратено писмено барање до родителите, а од другата недела ќе почнеме со скринингот. Не е ништо страшно, обичен брис се зема, за да видиме дали ќе откриеме асимптоматски носители на вирусот. Во моментов нема заболени и хоспитализирани деца, освен 10 до 15 деца згрижени само во болницата Козле. Засега немаме податоци за трансмисија во училиштата – рече министерот Филипче на вчерашната прес-конференција.

Скринингот во основните и во средните училишта требаше да почне во вторникот, но се презакажува за наредната недела. Во рамки на тестирањето најавено е дека ќе бидат опфатени 8.200 ученици од основните и од средните училишта. Тестирањето ќе се спроведува по случаен избор од регистарот на е-дневникот и со согласност на родителите. Предвидено е скринингот да трае пет дена, а дневно да бидат тестирани по околу 1.600 деца. Тестирањето ќе го вршат мобилни екипи во самите училишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот