Роденден без торта не бива: Десерт од кој вашиот миленик ќе залае од среќа

торти за кучиња
Фото: Принтскрин / Instagram

Тие не се повеќе кучиња врзани по дворовите за да ги чуваат куќите, ниту мачки кои по подрумите ловат глувци. Денес овие мили влакнести суштества преполни со безусловна љубов станаа дел од нашите семејства, подеднакво важни членови на нашите фамилии.

Со подеднакво внимание се грижиме за нивното здравје и благосостојба. Внимаваме на нивната беспрекорна хигиена и соодветна исхрана. Спијат во нашите кревети и подеднакво им се радуваме и ги славиме нивните родендени. А роденден подразбира торта, зарем не? Ама посебна!

Дејана Иваноска изработува токму такви. Со вкус од кој миленичињата се оближуваат.

„Слатката“ приказна започнува со еден телефонски разговор во кој пријателката и соопштува дека подготвува забава за роденденот на нејзиното милениче кученце, со сите нишани кои при тоа се подразбираат, подароци, десертна маса, балони и се разбира неизбежната роденденска торта. Зошто роденден без торта едноставно не бива.

„Јас толку се воодушевив, така што веднаш почнав да истражувам на интернет за развивање на идејата, во смисла, барање на конкретни рецепти за торти за миленици, разни колачи, мафини, бисквити, ролати и т.н. Исто така консултирав ветеринари кои ме советуваа која храна за кои миленици е соодветна, што ми даде насока како да ги комбинирам продуктите при правењето на десертите за милениците“, раскажува Дејана за почетокот на нејзината  “слатка“ авантура.

А прво кое ви паѓа на ум додека ги гледате „слатките“ изработки, кои доколку не ја имаат специфичната пригодна орнаментика би можеле да посакате да ги вкусите, е прашањето од какви состојки се изработени. Дејана објаснува дека се тоа состојки кои се всушност регуларна храна за миленици, купена од специјализирани продавници за храна за миленици или во ветеринарни амбуланти, надополнети со додатни органски состојки што се додаваат во десертите.

„Десертите секогаш ги правам во консултација со сопственикот според вкусот и потребите на миленичето. Никогаш не додаваме нешто повеќе, со претпазливост за да не наштети на здравјето на миленичето“, објаснува Дејана.

Нејзиното искуство говори дека интересот за десертните изработки за миленици е голем и сè повеќе се разгорува бидејќи е ова навистина новина во понудата за потребите на милениците на нашиот пазар. А сопствениците се секогаш „живо“ заинтересирани за составот на десертот, големината, цената но и за тоа колку време е потребно однапред да се изготви нарачката и како да се достави десертот.

“Сопствениците на милениците ми се јавуваат да ми кажат како поминала забавата, како реагирало миленичето, секогаш со позитивни коментари, пресреќни и задоволни од впечатливиот момент што  очигледно се забележува од испратените фотографии кои редовно ги споделувам на ФБ и Инстаграм профилот @pethappiness.mk)“- задоволно ни потенцира оваа креативна жена.

Секоја нова нарачка е успех но и мотив повеќе во желбата за развивање на идејата и кога еднаш ќе се навлезе во приказната љубопитноста само се разгорува.Така Дејана во својата потрага по нови идеи си има развиено мрежа од пријатели на иста основа низ светот, од Србија, Црна Гора, Босна до Израел за размена на мислења и рецепти. Тоа и е од голема помош во креативниот процес на изработка на толку привлечните десерти за кои треба да внимавате да не посегнете кога го отворате фрижидерот доколку не знаете за кого се наменети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот