РК Астибо поради финансиски причини нема да настапува во женската ракометна Супер лига
Управата на Ракометниот клуб Астибо ја известува јавноста дека во претстојната сезона клубот нема да настапува во Супер женската лига на Македонија, туку ќе продолжи со натпреварување во Првата женска лига.
Препорачано
Оваа одлука е донесена првенствено поради финансиски причини. Учеството во Супер женската лигата бара финансиски средства кои во моментов го надминуваат реалниот буџет на клубот, поради што натамошниот настап на ова ниво моментално не е реално остварлив.
Управата на РК Астибо упатува огромна благодарност до Општина Штип, која покрај финансиската поддршка, обезбедува и услови за тренирање, вклучително и сала за тренирање и натпреварување на тимот.
– Посебна благодарност упатуваме и до Министерството за спорт на Република Македонија, за обезбедените финансиски средства кои значително придонесуваат за работата и функционирањето на клубот. РК Астибо располага со млада и квалитетна генерација ракометарки, кои минатата сезона 2025/2026 го освоија второто место во пионерска конкуренција. Настапот во Првата лига претставува одлична можност токму на овие млади пионерки да им се укаже доверба и минути на игра, а составот на тимот во голем дел ќе се потпира на играчки израснати во сопствената школа на клубот – се вели во соопштението на РК Астибо.


